Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Зоран Колевски, советник од СДСМ во Советот на Општина Куманово, денеска обвини дека советниците од ВМРО - ДПМНЕ и независните советници делуваат идентично и на последната седница не ги поддржале извештаите на јавните претпријатија, a кога требало да се гласа за субвенциите за социјалната група на граѓани си заминале.
На последната седница на Советот, опозицијата и “независните“ беа присутни само за да гласаат против или воздржано за извештаите и програмите за работа на јавните претпријатија, а “случајно“ излегоа кога требаше да се гласа предлог - одлуката за субвенционирање на сметките за комунални услуги - вода за пиење и смет на социјално загрозените категории на граѓани со надеж дека ќе нема кворум за гласање. Дури и “независниот“ советник кој постојано се грижи да биде на страна на обесправените, а критикува само една опција, не дочека да гласа по оваа точка за која имаше дури девет амандмани. Во улога на известител за тоа како ќе се одвива седницата беше еден советник од ВМРО - ДПМНЕ, па повеќе од очигледна е спрегата меѓу независните и опозицијата во Советот. Со тоа паднаа маските на божемната грижа за социјално - ранливите категории граѓани. Благодарение на добрата волја на советниците од СДСМ, коалицијата и оние кои имаа свест и одговорност за нашите сограѓани на кои им е потребна материјална помош, оваа точка беше изгласана - изјави Колевски.
Според него, опозицијата се плаши дека изгласувањето на оваа точка ќе му донесе плус поени на градоначалникот, кој ужива голема доверба меѓу кумановци.