Превезувале двојно повеќе ученици од дозволеното во комби со неисправни кочници, пријава за возачот и фирмата
На локалниот пат Куманово–Табановце, во селото Табановце, вчера во 7:20 часот било запрено комбе кое превезувало ученици со неисправни кочници и двојно повеќе патници од дозволеното.
Неправилностите во јавниот превоз биле откриени при контрола на Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи.
„Извршена е контрола на патничко моторно возило (комбе) со кумановски регистарски ознаки, сопственост на правен субјект од Куманово, со кое се врши јавен превоз на патници (организиран превоз на ученици), при што е констатирано дека во истото се превезуваат 18 патници (деца), додека според сообраќајната дозвола во возилото е дозволено да се превезуваат максимум девет лица. Односно, возачот С.П. (49) од Куманово превезувал 10 патници (деца) повеќе од дозволеното“, соопшти МВР.
Над возилото бил извршен и вонреден технички преглед во станица за технички преглед од страна на стручни лица. При прегледот била утврдена техничка неисправност на возилото, односно неисправност на уредите за сопирање, како и на силата на сопирање на работната и помошната сопирачка.
„Против правниот субјект, одговорното лице во правното лице и возачот С.П. (49) од Куманово се преземени соодветни мерки и ќе се соочат со законски предвидените санкции, додека возилото е исклучено од сообраќај до отстранување на недостатоците“, стои во соопштението.
Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со што заеднички ќе придонесат за побезбедни патишта.