Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Претставници од Општина Куманово, месната заедница на село Пчиња и ЈП „Чистота и зеленило“ се дел од работната група која ќе работи на решавање на проблемите кои се предизвикани од депонијата „Краста“, на која се изнесува сметот од Куманово.
Жителите на средбата доставиле 16 барања, а во прв момент ќе се релизираат оние кои се нејнеопходни.
„Уште во текот на неделата ќе се однесат дополнителни количини на земја со која ќе се посипува депонијата за да нема пожари во следниот период, ќе се организира акција за чистење на регионалниот пат Куманово- Пчиња, во септември ќе се пошумува депонијата. Разговаравме и за оградување на депонијата“, кажа градоначалникот Максим Димитриевски.
Тој најави дека на следната седница од Советот ќе побараат со реблансот на буџетот да се обезбедат средства за поставување на ограда и видео надзор околу депонијата, како и да се изврши приклучок на системот за наводнување, за да во случај на пожар може веднаш да се интервенира и да не се дозволи да се прошири.
Од месната заедница велат дека не се работи за барања кои не можат да се исполнат, ниту, пак, се потребни големи средства.
„Прифатени се нашите барања, и се надеваме дека ќе бидат исполнети од градоначалникот и Општина Куманово. Доколку не бидат исполнети, повторно ќе ја активираме блокадата. Ние знаме дека не може да се дислоцира депонијата, меѓутоа барем да се одржува и правилно да се менаџира, бидејќи ако се продолжи со стариот начин на работа, повторно ќе се запали и ќе имаме проблеми“, изјави Дејан Трендевски, претставник на м.з. Пчиња.
Жители на кумановското селата Пчиња, Студена Бара и Вак’в пред една недела излегоа на протест и три дена го блокираа влезот на депонијата „Краста“ да не се изнесува сметот, откако голем пожар на депонијата се закануваше да ги зафати земјоделските површини со жито и да се прошири кон селотот. Тие обвинија дека поради ненавремена реакција на ЈП „Чистота и зеленило“ со денови се душат во чад и непријатна миризба. Бараат локалната власт да го контролира работењето на депонијата која е надвор од сите стандарди, за да не доаѓа до вакви еколошки катастрофи.
Тогаш Советот на Општина Куманово одржа вонредна седница, на која побара жителите на Пчиња и околните села да ја тргнат блокадата на депонијата, ЈП „Чистота и зеленило“ во најкраток рок да го изгасне пожарот, а Општина Куманово да формира работна група која во рок 30 дена ќе предложи мерки за решавање на проблемите со депонијата.
Депонијата „Краста“ ќе се затвори кога ќе почне со работа современата депонија за преработка на отпад во Свети Николе, но тој проект е заглавен и со децении тапка во место.