Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со пригодна програма денеска на Спомен костурница кумановци го одбележаа 11 Октомври.
Свежо цвеќе на споменикот положија борците, делагции од општината, Собранието, Владата, од кабинетот на претседателот, политички партии, здруженија на граѓани, јавни претпријатија, училишта и други.
Пред присутните се обрати Зора Ивановска, член на претседателството на Сојуз на борци Куманово, која го истакна значењето на празникот и на градот Куманово како симбол на вечен непокор.
Уште во првите денови на окупацијата, КПЈ зазела решителен став за борбата против фашизмот, преземајќи ја улогата на организатор и раководител на НОБ на југословенскиот простор. Правилниот однос на КПЈ кон македонското национално прашање отворил перспектива за национално, социјално и политичко ослободување на македонскиот народ. Подготовките за вооружено востание ги започнале месните раководства кои формирале воени штабови со задача да собираат оружје и воена опрема, но и да ги организираат диверзантските групи и да изведуваат помали вооружени акции - изјави Ивановска.
Бидејќи македонскиот народ бил подложен на асимилација и политички угнетувања од страна на окупаторот, борците многу млади се вклучиле во НОБ и заминале на планината Козјак каде се сретнале со останатите партизани.
Веднаш ни дадоа пушка и со таа пушка во Козјак два дена учевме како да се браниме. Веднаш потоа заминавме во акција и првата борба беше Ристовац. Во заседа заврши таа акција. Другата акција беше во Табановце, железница. Во таа борба Милан Лисица остави пет деца, го одведовме на Козјак. Тој таму почина. Бевме многу млади, тогаш имав 15 години - објаснува Царевка Виличиќ, борец.
Градоначалникот Зоран Дамјановски вели дека од Куманово почнал победничкиот факел и од тогаш Македонија се етаблира на државничката карта на Балканот и во светот.
За кумановци многу значи овој датум бидејќи Куманово по тоа е препознатливо. Даде многу жртви, многу народни херои. Луѓе кои дадоа основен темел на слободата на Република Македонија. - вели Дамјановски.
За негрижата на Спомен костурницата, Дамјановски ја обвини централната власт, бидејќи во последните 9 години не вложила во нејзино одржување.Тој се надева дека во некои подобри времиња Спомен костурница ќе биде гордост на градот.