Кумановци сечеа колач за Свети Никола
Голем број кумановци денеска во црквата “Свети Никола“ сечеа колач за утрешната слава Свети Никола.

Свети Никола е посна слава која се празнува во многу семејства во Куманово и пошироко. Отец Игор Здравковски од Кумановско-осоговската епархија вели дека светецот бил роден во ликиската област, бил многу добар и дарежлив, а во православието Свети Никола е своевиден Дедо Мраз.
Своето богатство го разделил на сиромашни. Тој е познат по оној момент кога некој богат човек осиромашел, а имал три ќерки и решил од својот дом да направи практично јавна куќа за да ги прехрани, Свети Никола за да му помогне и да ја прекрие својата доблест, тајно доаѓал навечер и преку прозорец му оставал пари на тој човек. Тоа време со жената се давало мираз и со тие пари успеал да ја омажи ќерката. Таа своја мисија со милосрдие ја продолжил и кога станал епископ - рече Здравковски.
Славата треба да се помине со добра мисла, а оние кои не се можност да си дозволат богата трпеза доволно е да сечат колач.
Тој благослов да се донесе дома и да се вкуси е доволно да се каже дека славиме слава. Секој според своите можности, во рамките на постот. Мислата да му биде чиста, гостите со благослов да ги пречека. Деновите кога е празник се смируваме, простуваме - вели отецот.
Утре во 8 часот владиката Јосиф ќе служи литургија во храмот “Свети Никола“. Од Епархијата ги повикуваат граѓаните во што поголем број да дојдат и да се помолат на патронот.