Кумановци за Нова година ќе патуваат на блиски, но и на егзотични дестинации
Кумановци Новата година ќе ја дочекаат во соседството или на далечни егзотични дестинации.

Туристичките агенции „Мерион Травел“ и „Јоцо Турс“ имаат богата понуда за прославата на претстојните празници. На кумановци останува да изберат каде ќе ја поминат најлудата ноќ, дали ќе патуваат со автобус или авион. Во „Мерион Травел“ се нудат аранжмани за зимските туристички центри Златибор, Копаоник, Банско, Боровец, Помпорово, а во Македонија, Берово, Крушево, Маврово или пак Охрид кој е актуелен постојано.
Со авионски превоз се подалечните дестинации, имаме и егзотични како што се Дубаи, Бангкок, Занзибар. Потоа европските Сардинија, Ница, Лисабон, Малта, Милано и една убава понуда која е доста атрактивна тоа е Јордан со Петра. Тоа се дестинации за повеќе денови. Во автобуски дестинации кои се актуелни како и ланската година, ги има Фиренца, Прага, Париз, Минхен, Виена, Милано, Атина и нормално сите тие се со дочек на Нова година на плоштад, исто така со посета на знаменитости. Можам да кажам дека е разновидна програмата. За Србија имаме голем интерес за дочек во Врање, Ниш во ресторани со ноќевање, а може и без ноќевање во зависност од желбата на самиот патник. И за младите имаме програми. Тие претежно сакаат да одат во Софија, Белград или Будва, со посета на дискотеки, ноќни клубови, сплавови во Белград - изјави Мери Миновска, сопственик на „Мерион Травел“.
Цените за патувањата се движат од 89 евра за две ноќевања односно три дена, па нагоре зависно од далечината на дестинацијата и колку дена трае аранжманот, објаснува Миновска.
Оваа година интерес има за патување во Белград, Банско, Будва-Дубровник, Будимпешта, Виена, Рим, исто и Копаоник е популарен. Најбарани се аранжманите со 3-4 дена. Дел од аранжманите вклучуваат и свечена вечера, а дел се со дочек на плоштад. Подеднакво има интерес и за дестинации со авионски и со автобуски превоз. Можат граѓаните да уплаќаат се додека има слободни места, а тргнувањето е на 30 или 31 декември. Цените се движат од 80 евра па нагоре зависно од тоа каде планираат да ја дочекаат Новата година“-велат од “Јоцо-Турс“.
Од агенциите апелираат граѓаните да побрзаат со резервации и да не чекаат последен ден.