Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Констатен е интересот за високобуџетен туризам на егзотични дестинации за време на новогодишните и божиќните празници. По двегодишна пауза кумановчани се заинтересирани да ги поминат студените, зимски празници на потопло место, велат туристичките работници.
Иако бројот на луѓето што можат да си дозволат такво патување не е голем, сепак е константен и секоја година има продажба на такви аранжмани.
„Дубаи, Маурициус, Занзибар како дестинации секогаш имаат интерес, тоа не е некоја голема бројка, но е констатна. Годинава повторно на голема врата се враќаат полуксузните барања за авионски превоз и дочек на Нова година во Париз, Амстердам, Мадрид, Барселона, Рим. И старото правило, кое не важи само за туризмот, побарувачката расте како се приближуваат празниците“, вели Драган Трајковски, од ТА „Импала Травел“.
Во понудата остануваат стандардните автобуски тури до Истанбул, Будимпешта, Букурешт, Виена за кои секогаш има интерес. Но, најчесто граѓаните бараат подолготрајни аранжмани и си го спојуваат празнувањето со ски-одмор во некој од регионалните зимските центри.
„Иако се поскапи, поголем е интересот за соседна Србија - Златибор и Копаоник, отколку за Банско или Боровец во Бугарија. Веројатно како резултат на политичките случувања побарувачката за Бугарија стагнира“, објаснува Трајковски.
Цените во голема мера се зголемени во однос на претходните години, во просек од 15 до 25 проценти. Друг проблем е што се послабо има понуди за помали буџети, дури и бањскиот или верскиот туризам е подигнат на повиско ниво, па хотелите се полуксузно уредени со понуди на спа центри, детски игралници, масажи и козметички третмани и сето тоа влијае на покачување на цените на пансионот, велат туристичките работници.
Изненадување за сите е што одсега се прават уплати рано букирање за летувања во познатите летувалишта.
„Сега е каша-попара во туризмот. Ги работиме и новогодишните понуди,и зимувањата и летувањата за следното лето,а се работат и понудите за осмомартовски патувања“, истакнуваат од Импала Травел.
По двегодишната пауза со ковид кризата полека ситуацијата се враќа во нормала и туризмот како гранка повторно заживува. Патувањата се сметаат за луксуз, но двегодишната пауза и парите што приливаат во градот им дава надеж на туристичките работници дека ќе „испливаат“ од финансиските проблеми и повторно ќе застанат на цврсти нозе. Моменталната ситуација ветува стабилизирање на пазарот.