Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Јавното претпријатие “Куманово - гас “ со подобрување на временските услови ќе продолжи со изградба на дистрибутивна мрежа и приклучување на гас на поголемите јавни институции и приватни корисници во градот.
Над 500 барања за приклучување на гасоводната мрежа има поднесено во претпријатието.
Според директорот Момчило Мирчевски, најголем дел од барањата се на домаќинства, а има голем интерес и кај приватните фирми и јавните институции, кои ја увиделе економската исплатливост од користењето на гасот како енергенс. Тој најавува дека во најкраток рок ќе се гасифицира зградата на Полицијата, ЕВН, Основен суд, музичкото училиште “Панче Пешев“, Болницата, Поштата, останатите основни училишта и други установи.
Имаме над 500 барања за приклучување на нашиот дистрибутивен систем. Со заинтересираните ќе склучиме договори и ќе отпочнеме со снабдувањето со гас. Малку доцнивме затоа што изгубивме една година со Регулаторна комисија за да ја добиеме цената за услуга што ја вршиме. Совет на Општина ја утврди цената на гасот, која е за 12 отсто повисока од цената по која го плаќаме кон нашиот снабдувач. Со новите потрошувачи ќе застанеме на свои нозе и ќе бидеме независни од општината, која беше главниот инвеститор изминативе години, благодарение на градоначалникот Зоран Дамјановски и на целиот Совет, кој имаше визија први во државата да ја започнеме гасификацијата - изјави Мирчевски.
Директорот вели дека овој месец ќе отпочнат на изградба на дистрибутивна мрежа од регулациона станица кон Болницата, со што и во тој дел од градот ќе се прошири мрежата. Таму ќе се приклучат ОУ “Толи Зордумис“ и ОУ “Бајрам Шабани“.
Уште оваа година претпријатието ќе биде на товар на Општината, а потоа ќе работиме профитабилно, бидејќи има голем интерес за приклучување на гасоводната мрежа. Ние имаме капацитет да приклучиме над 2500 домаќинства и над 100 големи потрошувачи. Со составување на новиот Совет на Општината, пак ќе го актуелизираме прашањето за јавно- приватно партнерство-вели директорот.