Кумановец измамен за 43.750 евра при обид да купи криптовалута во Велес
Четириесет и осумгодишен жител на Куманово останал без 43.750 евра при обид да купи криптовалута во Велес.
Измамата била пријавена вчера во 20:00 часот, откако кумановецот сфатил дека останал без поголема сума пари.
Според пријавеното, тој објавил оглас на социјална мрежа за откуп на криптовалута, а потоа преку друга социјална мрежа стапил во контакт со лице со кое се договориле средствата да ги уплати во крипто-менувачница во Велес, а за возврат да добие крипто средства на својата адреса.
Тој ги предал парите на лице вработено во менувачницата, по што му било кажано дека средствата се испратени на наведената адреса. Меѓутоа, крипто средствата не пристигнале на неговата сметка, а лицето со кое комуницирал го избришало разговорот од социјалната мрежа и ги блокирало неговиот број и бројот на менувачницата. Тогаш сфатил дека бил измамен.
„Известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот“, соопштија од Министерство за внатрешни работи.