×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Кумановец освои златен медал на Зимскиот ликовен салон во Париз

    27.12.2014 11:34 | KumanovoNews

    Нашиот сограѓанин, ликовниот уметник Синиша Кашавелски, доби златен медал на зимскиот ликовен салон во палатата Гран Пале во Париз.

    Кумановец освои златен медал на Зимскиот ликовен салон во Париз

     Изложбата по 225-ти пат се одржа од 25-ти до 30-ти ноември, во организација на француското национално здружение на ликовните уметници. Зимскиот салон е отворен за уметниците од цел свет и претставува голем уметнички предизвик. Тоа е едно од најпрестижните светски ликовни случувања, креирано од Колбер а по желба на Луј XIV, во 19-от век стана официјален салон на Здружението на француските ликовни уметници. И самото учество на оваа изложба е голем успех, а награда на Зимскиот салон во Париз значи отворена врата во многу европски и светски галерии.

    -За нас уметниците Зимскиот салон во Париз е уметничка Мека. Прво, голем  успех е да ја поминете селекцијата и да ви ја прифатат сликата, потоа е чест да се најдете во Гран Пале со француските уметници и гостите од целиот свет. Салата е импозантна! За еден ден се местат 2500 слики, а потоа доаѓа  река од посетители. Изложбата трае само 6 дена и за тоа време ја посетуваат помеѓу 30 и 40.000 луѓе. Мене ми се посреќи три години со ред да ме прифатат за учесник  и плус секоја година да добивам и награда. Тоа за еден уметник е добро од многу аспекти. Прво технички, ако добиеш барем една од медалите можеш да бидеш придружен член на Друштвото на Француските уметници. Ако добиеш злато, добиваш покана за членство во Друштвото на Француските уметници,- вели Кашавелски.

     Тој додава дека златниот медал од 2014 му е голема лична сатисфакција и задоволство, а воедно и потврда дека концептот што го работи, а тоа е фигуративното сликарство, е се помодерен и поприфатен во светски и европски рамки.

    Глобално и локално, апстрактното и модерното  отстапуваат пред фигуративното сликарство. Реализам, традиционализам, класицизам, натурализам, модерен реализам, нов реализам, олд мастер реализам, класичен реализам... како и да ги нарекуваме, сите тие правци се генерално фигуративно сликарство. Тоа поедноставено значи дека се враќа времето на старата добра слика каде се гледа идејата, мајсторството и техниката на сликарот. Се цени идејата, но и вештина на авторот а не само концепот. Генерално, мислам дека наградата дојде во вистински момент. Ми донесе една голема лична сатисфакција и сигурност дека сум на добар пат со тоа што го работам. А дојде и во вистинско време.Сега веќе и во Македонија не мора да сликаш само модерно или апстракција за да те прифати критиката или ликовната јавност. Фигуративното сликарство е веќе светски ликовен тренд. Лично ми одговара што е така и мислам дека најдоброто од мене допрва доаѓа,- додава Кашавелски.

    По Париз, Кашавелски учествувал на изложба во Софија, која предизвикала голем интерес кај публиката.

    Лично не очекував таков интерес и прием. Морам да признам дека тоа беше навистина едно убаво и уметничко доживување. Бугарите се интересна публика и имаат традиција за посетување на изложби. Заедничката изложба, што ја имав со колегата Константин Качев, во почетокот на декември во двата павиљона на Културниот центар на Софискиот универзитет, беше медиумски одлично покриена и дојдоа многу луѓе. Ќе биде отворена до 8-ми јанури 2015 година,- вели уметникот.

    За наредната година Кашавелски планира голема изложба, со нови слики, во повеќе градови низ Македонија, со завршница во Куманово.