×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Кумановка ангел чувар на напуштени и беспомошни животни (видео)

    01.03.2022 18:23 | Сузана Николиќ

    Марина Петковска од Куманово е една од 10-те активистки во општината која се грижи за напуштените кучиња и домашни миленичиња.

    Безрезервната љубов и благодарност што ги добива од нив за секоја корка леб, малку вода, лекување и згижување во топол дом и го
    исполнува животот и е главниот поттик што се посветила на оваа хумана и благородна мисија.

    „И тие имаат душа. И тие чувствуваат и болка и глад, и жед и студ... И се многу поблагодарни од луѓето. Нели ние сите си имаме работа, си имаме семејство, имаме пријатели, а тие не имаат само нас“, со нескриени емоции зборува Марина.

    Нејзината борба за животот на беспомошните животни трае веќе 6 години, а за овој период згрижила над 50 кучиња. Многу од нив излекувала, вдомила, а за едно болно куче дури подигнала и кредит.

    „Во една ситуација подигнав кредит за куче кое ми беше инвалид и беше сместено во пансион, а требаше да патува за Англија. Бидејќи пансионите за инвалиди се многу поскапи од пансионите за обични и здрави кучиња, морав да земам кредит за да го платам пансионот, да остане на сигурно, додека да замине за Англија. И успешно, среќно е вдомена таму, каде што ја чуваат“, објаснува Марина.

    Најчесто трошоците за згрижувањето и чувањето на милениците ги покрива од сопствен џеб,а голема поддршка и помош и е семејството - сопругот, кој, исто така, е голем љубител на животни, и од синот.

    Заедно со останатите активисти од Куманово ги собираат и се обидуваат да им помогнат на напуштените животни. Се надеваат дека за сите ќе најдат дом, но помош им е потребна и од институциите. Разговарале со градоначалникот и општината, добиле поддршка, но наишле и на предизвици. Сега тие им нудат соодветно решение за да помогнат да се среди хаосот со овие животни.

    „Ние имаме идеја за стационарот да има влез и излез, да биде од отворен тип. Да ги згрижуваме уличните, да ја поминат процедурата на тестирање - на стерилизација, кастрација, вакцинација, да направиме своја страна каде што ќе бидат објавувани за вдомување како во Македонија, така и во странство. Така да, би имало влез на нови и излез на веќе спремни кучиња. Како што ние веќе го работиме самостојно“, посочува Марина.

    Таа го објаснува основниот процес што треба да се спроведе, односно тоа дека секој миленик треба да биде чипиран, стерилизиран и вакциниран, но и дека истовремено мора да се подигне свеста кај граѓаните.

    За агресивноста на кучињата вели дека така се однесуваат кога се парат и кога се чувствуваат загрозени. Во нивната меморија најчесто е запаметено малтретирањето од несовесните граѓани.

    „Значи во секој случај факторот за агресивноста на кучињата се луѓето. Како го воспитувате кучето, такво ќе биде“, вели Марина која упатува порака до граѓаните дека секој живот е важен и дека ништо не може да ја замени благодарноста и радоста за пружената помош што ја даваат домашните миленичиња.

    Кумановка ангел чувар на напуштени и беспомошни животни (видео)