Куманово меѓу потенцијалните локации за изградба на гасна централа
Куманово, заедно со Скопје, Тетово, Гостивар, Битола, е меѓу градовите каде што се размислува да се гради гасна централа.

Ова го најави премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, во врска со меморандумот, со „Казанџи груп“, за изградба на гасните централи, како и тоа дали се знае локацијата и колку ќе чини инвестицијата, при што кажа дека преговорите траат.
„Дополнително, ќе продолжиме со преговорите, и очекувам да ги прецизираме локациите. Во игра се неколку локации – во Скопје се неколку локации во оптек, исто така и Куманово е во потег, Тетово, Гостивар, поголемите градски средини. Нормално, тука се исто така и останатите, имајќи предвид дека Битола, веќе ќе се затвори проблемот со затоплување, бидејќи се завршува проектот за топлификација од РЕК Битола“, објасни премиерот.
За инвестирање во ваков тип на проекти премиерот најави дека Владата, е веќе во преговори со уште неколку странски инвеститори.
„Ни останува Прилеп, ни останува Велес, ни останува Штип, ни останува Струмица, Кавадарци итн. Да, да не ми замерат останатите кои што нема да ги споменам. Но, покрај „Казанџи“, веќе сме во преговори со уште неколку други потенцијални инвеститори за инвестирање во ваков тип на проекти“, информираше премиерот.