Куманово ќе добие депонија за градежен шут и субвенции за депонирање на овој вид отпад, најави Горан Стојковски - Диро
Независниот кандидат за градоначалник на Куманово, Горан Стојковски – Диро, најави дека во неговата програма е предвидено системско решавање на проблемот со градежниот шут во градот.
Тој истакна дека ќе биде пронајдена соодветна локација и отворена депонија за одлагање на овој вид отпад, а Општината ќе го субвенционира неговото изнесување и депонирање.
„Ќе најдеме локација, во законот постои дел за зелени острови и тоа ќе го искористиме. Општината ќе го субвенционира оној што ќе гради и го селектира отпадот. Општината ќе го презема, во договор со каменоломи и компании кои селектираат, и така ќе се создава циркуларна економија“, изјави Стојковски.
Тој додаде дека решението за управување со отпадот мора да биде системско и долгорочно, а не ад-хок.
„Имаме програма која ја нудиме. Креирана е заедно со граѓани, експерти, здруженија и иницијативи кои имаат искуство и имаат решенија што успешно се применуваат во развиените земји, прилагодени на нашите услови. Во следните четири години нема да го „чистиме“ сметот и дивите депонии – тоа ќе биде решено прашање“, нагласи кандидатот, додавајќи дека Куманово веќе осум години нема дефинирана локација за одлагање на градежен шут.
Стојковски истакна дека Јавното претпријатие „Чистота“ во моментот е нефункционално и блокирано, бидејки, според него, е резултат на несоодветно менаџирање и недоволна контрола од страна на Општината.
„Чистота“ е блокирано поради нефункционирање на директорите. Судот не може да направи законски упад. Законот за извршување дозволува во една година да се направи нова рамка. Најверојатно се задоцнило со нејзиното доставување, а тоа е последица на недостиг на контрола врз јавните претпријатија. Директорите во Куманово имаат трудничко работно време – доаѓаат во 9, си одат во 14 часот на работа. Директори треба да се поставуваат според стручност и способност“, рече тој.









