Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Куманово, заедно со Струмица, има најмал процент на вакцинирани деца во државата. Опфатот на вакцинација против морбили (мали сипаници) изнесува само 40 %, а за сите останати вакцини процентот е над 70%.
Сегашниот степен на вакцинација во општината не е доволен за постигнување на целосен колективен имунитет од инфективни болести за кој, според стручните лица се препорачува имунизација од околу 95 отсто на опфатената група.
Исклучителната важност на примањето редовни вакцини повторно се актуелизираше по појавата на првите два случаи на голема кашлица во Македонија од почетокот на годината, додека во соседна Србија има веќе неколку стотини потврдени случаи.
„Голема кашлица или пертусис е бактериска инфекција која брзо се шири, исто како што се шири обичната настинка или грипот, а се пренесува преку секрет од кивање или кашлање, односно по капков пат. Бидејќи е бактериска инфекција потешка е за третирање, особено кај малите бебиња кои немаат изграден имунитет. Ако не се вакцинирани со 5-валентна или 6-валентана вакцина Ди Те Пер, тогаш може да дојде до тешко справување со болеста. Среќен факт е што имаме некаде околу 70 отсто од покриеност со вакцинирани дечиња“, посочува д-р Валентина Богоевска, педијатар, началник на Одделението за вакцинација во Куманово.
Здравствените работници се револтирани од односот на младите родители и нивниот став „ќе земам од вакцините што ми се допаѓаат, а со останатите одбивам да го вакцинирам детето“. Дел од родителите, пак, ги вакцинираат децата во соседните земји, веројатно сметајќи дека се побезбедни затоа што се членки на ЕУ. Но, на децата имунизирани надвор од границите вакциналните диспанзери не можат да им издадат картон.
„Тоа е фрлање пари. На целиот Балкан, во сите држави, вакцините се исти, вклучително и во Македонија. Имаше случај на татко кој тврдеше дека БеСеЖе вакцината му е посигурна воБугарија, но ние ја употребуваме истатата, произведена токму во Бугарија. Со ваквото однесување, само се доведуваме во ситуација болестите кои се искоренети токму поради вакцинацијата и не се присутни долго време, да се враќаат по трендовите кои се присутни во последно време “, децидна е д-р Богоевска, која потсетува дека во 2019 имало епидемија на морбили во градинките во Скопје и тогаш 46 000 деца биле вонредно вакцинирани и кај ниту едно немало несакани ефекти.
Таа нагласува дека вакцините кои се користат при редовната вакцинација на децата во Македонија се од француско потекло, од Холандија, Бугарија и Белгија. Истовремено, се постапува по ригорозните законски мерки и строго придржување до стандардната оперативна процедура - СОП, која пропишува начин на складирање и чување на вакцините (секоја посебно), начин и термини на апликација.