Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Куманово нема назначен заменик народен правобранител, што е должност на Собранието на РС Македонија, но канцеларијата функционира нормално и работата се одвива тековно, без никакви проблеми.
До 15 ноември канцеларијата на народниот правобранител Куманово примила нешто повеќе од 140 претставки,а позитивен исход на решени предмети добиле на над 50% од случаите.
Најголем број преставки од граѓаните се добиваат во врска со судската власт. Тие најчесто реагираат на пријавите за работа на извршителите, здравството, социјалните прашања ,управно-правните работи,заштитата на основните човекови права.
Од канцеларијата посебно ги издвојуваат случаите за заштита на детските права и на лица без матичен број.
„Имавме случај со девојка од руралниот дел на општината, незапишана во матичната книга на родени. Девојката е четврта година во средно училиште ,а нема добиено свидетелства за претходните 3 училишни години..Реагиравме до директорката, а законот предвидува тие случаи да се водат по евиденцијата на незапишани лица. Средното образование е задолжително и мораат да го завршат школувањето. Тие не смее и не треба да бидат оставени надвор од системот. Имавме позитивен исход и проблемот е решен“, истакна државниот советник Гордана Тренчевска-Ристовска, вработена во кумановската канцеларија на омбдусманот.
Друг голем проблем е наплатата што ја прават извршителите на лицата корисници на социјална помош, кои по закон се изземени од постапување на извршителите. Притоа,, советниците се соочуваат со инертноста на државните служби, предолгите постапки и времето на донесување одлука. Тоа доведува до одложување на стекнувањето одредено социјално право, па народниот правобранител троши многу време на „отплеткување“ на правните акти за да се дојде до конечно и позитивно решение.
Дел од проблемите произлегуваат и од задоцнетото постапување на граѓаните, кои не реагираат навремено за решавање на сопствените управно-правни проблеми и се доведуваат во ситуации што е подоцна потешко се решаваат.
Државните службеници од канцеларијата на омбудсманот,пак, тврдат дека денес со користење на интернет е многу полесно да дојдат до бараната информација, да некој подзаконски акт и да се информираат како да постапуваат.И секогаш е задоволство да се работи за остварување на правата на „послабиот“.
„Ова е многу благодарна работа. Кумановци викаат „ако не си фиљан човек“ тешко ќе завршиш работа по шалтерите .И кога ќе успееме како канцеларија, да им помогнеме на луѓето кои немаат врски да си завршат работа, не познаваат никого кој треба да постапува по нивно барање, иако законот е на негова страна, многу ми е драго. Таквите решени претставки се нашата вредност“, посочува Тренчевска-Ристовска.
Канцеларијата на народниот правобранител е отворена секој работен ден, каде што можат да се обратат граѓаните и да видат дали има основа за поднесување претставка и отворање на предмет.