Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Без вода за пиење денеска останаа жителите од повисоките зони во Куманово и приградските населби Карпош, Иго Тричковиќ, Тромеѓа и Перо Чичо, затоа што е намален дотурот на водата од липковските акумулации до Филтер станицата.
Директорот на ЈП „Водовод„ обвинува дека водата ја запреле од Водостопанство Кумановско-липковско поле.
Тој порачува да не се политизира проблемот со водоснабдувањето бидејќи доаѓа лето и високите зони ќе ги почувствуваат последиците од натеѓањето помеѓу двете претпријатија.
Вчера околу 7 часот наутро беше намален дотурот на вода од Липково и Глажња кон Филтер станицата на ЈП“Водовод“. Од 210 литри колку што добивавме, од вчера добиваме 160 литри во секунда. Уште еднаш без никакво предупредување, без никакво писмо и известување, Водостопанство повторно е доведено во прашање водоснабдувањето на дел од граѓаните на Општина Куманово. Ние го известивме Министерството за внатрешни работи кое се прогласи за ненадлежно, иако при последното исклучување на водата пред 9 месеци тогаш беше надлежно. Се обративме до двете министерства, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерство за животна средина - изјави Виктор Божиновски.
Наспроти ова директорот на Водостопанство тврди дека тој не наредил да се намали дотурот на вода, но признава дека претпријатието останало без пари затоа што „Водовод„ не си ги плаќа сметките за испорачана вода.
Директорот на “Водовод“ одбегнува потпишување на договор, и затоа надлежните во државата треба да поведат сметка за штета што се нанесува на ова јавно претпријатие од ова раководство. Акумулациите се полни со вода, но од петок наваму вработените на сопствен трошок ги обавуваат работните обврски колку што се во можност. Последните три месеци “Водовод“ не плаќа за дистрибуција на водата,она што беше договорено минатата година. Тие сакаа вештачки да создадат криза, но не им успеа. Да не се дозволи уништување на Водостопанство - вели Филип Филиповски.
Од Водовод велат дека одборот на водокорисници при Водостопанство донел одлука за метар кубен вода да се наплаќа по 5,2 денари, што за нив е неприфатливо.Божиновски тврди дека за првите три месеци од годинава на Водостопанство му исплатиле 4,5 милиони денари, а сметката на ЈП “Водовод“ е под делумна блокада и дел од парите секој месец се одбиваат за наплата на судските пресуди кои ги доби Водостопанство.
Од Водостопанство тврдат дека Водовод им должи околу 1 милион евра, неплатени сметки за три години.
Двете водоводни претпријатија Водостопанство и Водовод, со години наназад тераат политика и не можат да се договорат за цената на водата, па граѓаните ги трпат последиците.