Кумановската болница воведе современа техника за операција на скрешници на бутна коска
Во Општа болница Куманово започна примена на нова, современа оперативна техника за третман на проксимални фрактури на бутната коска, заснована на принципот на двојна компресија.
„Нашиот тим на хирурзи, ортопеди и трауматолози е обучен за примена на оваа најнова технологија која претставува значителен напредок во третманот на трауматолошки повреди. Оваа техника претставува третман на интрамедуларни фрактури со двоен компресивен механизам и истата придонесува висока биомеханичка стабилност, оптимална компресија и најважно за пациентите, брза пост оперативна мобилизација“, вели директорот Сашо Стошевски.
Тој додава дека оваа е првата фаза, во која ќе бидат регионален центар за Североисточниот дел на Македонија , со амбиции да прераснат во национален центар за проксимален фемур.
„Општа Болница Куманово бележи континуирана посветеност кон унапредување на хируршките методи и подобрување на грижата за пациентите. Се стремиме да бидеме лидери во примената на иновативни технологии кои овозможуваат подобри резултати и поквалитетен живот на пациентите“, истакна Стошевски.