Кумановските сметководители на обука во УЈП
Во Даночно одделение Куманово денеска се одржува обука за сметководители.

Сметководителите следат обука за доставување на завршни сметки, даночен биланс за оданочување на добивка, даночен биланс на вкупен приход, достава на извештај и достава на барање на пренос за искажани загуби.
Даночниот биланс се поднесува најдоцна до 28, оваа година до 29 февруари, за годината што претходи до даночната канцеларија на УЈП или во електронска форма. Образецот може да се достави најдоцна до 15 март, доколку даночниот обврзник годишната сметка до Централниот регистар ја достави во електронска форма. Обврзникот кај кој е отворена постапка за ликвидација, постапка за стечај или кај кој настанале статусни промени, образецот ДБ го доставува во рок од 60 дена од денот на отварањето на постапката односно од денот на настанување на статусните промени. Трговските друштва класифицирани како мали и микро трговци, и правни лица резиденти на Репубика Македонија се ослободени од обврската за плаќање на годишен данок на вкупен годишен приход под услов вкупниот приход остварен во годината за која се утврдува данокот, од било кој извор да не го надминува износот од 3 милиони денари на годишно ниво“- изјави Стефан Симоновски од Даночно одделение Куманово.
Трговското друштво може да се определи да пресметува и плаќа годишен данок на вкупен приход под услов да извршува стопанска дејност, освен банкарска, финансиска, осигурителна и дејност од областа на игри на среќа и забавните игри и вкупниот остварен приход во годината за која се утврдува од било кој извор да изнесува од 3.000.001 до 6.000.000 денари.
Трговските друштва еднаш избраниот модел за оданочување не може да го менуваат во наредните 3 години, вклучувајќи ја и годината за која се плаќа данокот.
Данокот на вкупен приход се поднесува во рок пропишан за поднесување за годишна сметка, и се пресметува по стапка од 1 отсто.
Домашните правни и физички лица регистрирани за вршење на дејност, странските правни и физички лица кои се нерезиденти со постојани деловни единици во Македонија, исплатувачи на приход имаат обврска при секоја исплата на приходи на странските правни лица да го задржат и уплатат данокот на соодветна уплатна сметка.
Лицата кои имаат обврска да го задржат и уплатат данокот, имаат обврска извештајот ДДИ да го достават до УЈП електронски најдоцна до 15 февруари наредната година, по годината за која постоела обврска за задржување на данокот.
Обврската за плаќање на данокот по задршка настанува истовремено со исплатата на приходот на странското правно лице.
До 31 март во годината што следи се поднесува барање за пренесување на искажани загуби. Барањето се поднесува со цел намалување на даночна основа на даночниот обврзник во даночниот биланс, за оданочување на добивката за износот на пренесената загуба, на товар на добивката за идните пресметковни периоди , период од 3 последователни години по годината во која е искажана загубата.