Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во речиси секое село има напуштени задружни домови и празни училишта кои можат да се преуредат и искористат за сместување на гостите, но нема кој да инвестира.
Кумановскиот региот изобилува со природни убавини и културно историски споменици што се предуслов за развоја на руралниот туризам, но засега оваа гранка не претставува предизвик за приватните стопанственици ниту за државата. Од Туристичката комора на Македонија потврдуваат дека Куманово располага со голем број на села, етно ресторани познати по добра храна, споменици и историски знаменитости, а предност е и тоа што е блиску до Скопје и до аеродромот, но признаваат дека засега не презеле конкретни мерки за да го помогнат селскиот туризам.
Баш за овој крај проект за промоција не сме правеле, но во Куманово има што да се види и може убаво да се помине. Треба да се отвори биро за развој на туризам. Со мали вложувања може да биде супер. Во кумановско имате извор на минерална вода, имате приватни викендици. Бизнисмени можат да вложат за селските куќи да се преуредат. Нека бидат со дрвен под покриен со јамболии, но на туристите им треба и посебна бања. Селскиот туризам бара старински работи, но си треба инфраструктура за да се стигне до таму - вели Миодраг Атанасиевски, претседател на Туристичка комора на Македонија.
Во речиси секое село има напуштени задружни домови и празни училишта кои можат да се преуредат и искористат за сместување на гостите, но очигледно дека нема интерес и стратегија за развој на селскиот туризам.
Селскиот туризам го преферираат луѓето кои живеат во урбани средини и сакаат со одмор на село да се ослободат од стресот. Овие туристи бараат автентична средина, тишина, чист воздух, традиционална храна, природни убавини и контакти со љубезно месно население. При тоа можат да се посетат и мегалитската опсерваторија Кокино, црквата Свети Ѓорѓи, бањата Стрновац, споменикот Зебрњак, клисурата Бислим и многу други локации. Но, нашата неорганизираност оди до таму што туристите неможат да купат ни мапи за полесно да ги најдат локалитетите за кои слушнале.
Прашуваат за Кокино каде можат да преспијат бидејќи е на 30 км оддалеченост од градот, но ние такви информации немаме. Во градот нема туристичко биро за да ги упатат кои места да се посетат. И странските волонтери кои доаѓаат кај нас, ги водиме без водич кој ќе им објасни кое е значењето на Кокино, што правеле луѓето кои живееле на таа територија. Нема патокази, нема знаци, нема кафе каде да се испие. Треба да се направи добра туристичка стратегија, но не само за една месност туку сите села да бидат поврзани - вели Ивана Давидовска, проект менаџер во Центар за рурален развој “Бујрум“.
Како пример Давидовска ја посочува Бугарија каде селата иако не се многу големи, сепак се поврзани, може попат да се одмори и да се вкусат тамошните традиционални специјалитети.
Луѓето кои истражувале на тема селски туризам велат дека овие места се најпосетени во јули и август.