×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Левица ги претстави кандидатите за градоначалник и советници: Петковиќ и Зафировски најавуваат град по мерка на младите

    17.09.2025 11:11 | KumanovoNews

    Мирослав Петковиќ, кандидат за градоначалник, и Виторио Зафировски, носител на листата на советници, ја претставија програмата на Левица, со која ќе ја бараат поддршката на граѓаните на локалните избори во Куманово.

    Левица ги претстави кандидатите за градоначалник и советници: Петковиќ и Зафировски најавуваат град по мерка на младите

    Прес-конференцијата се одржа пред поранешниот Дом на пионери – некогаш симбол на младинското творештво, а денес запуштена руина и срам за сите власти.

    Кандидатот за градоначалник Мирослав Петковиќ, актер, режисер и продуцент, истакна дека негов мотив да влезе во политиката е ревитализацијата на градот и создавањето простор за младите. Тој посочи дека во последните години градот се соочува со недостаток на независна сцена, поради затворањето на Пионерскиот дом, Домот на АРМ, кината „Напредок“ и „Козјак“, а во последните 5–6 години и сцената на Театар Куманово.

    „Мене не ми остана ништо друго освен да застанам на политичката сцена, со цел да направиме ревитализација на целиот град. Тоа значи ревитализација на институциите, на старите градби, на парковите, на урбаните места, таму каде што ќе можат младите да се дружат и да споделуваат креативни и конструктивни идеи. Јас, како кандидат за градоначалник, имам само едно ветување – нема да ви ветувам асфалт, бетон и бекатон, јас ќе ветувам активен и урбан живот на граѓаните на Куманово“, рече Петковиќ.

    Тој ги повика младите да им се приклучат во нивната борба и да помогнат да дојдат на власт, за да го направат Куманово место по мерка на младите. Истовремено апелираше до останатите кандидати за градоначалници да водат фер кампања, бидејќи, иако таа сè уште не е започната, се вршат големи притисоци врз граѓаните.

    Носителот на листата на советници, Виторио Зафировски, нагласи дека нивната програма се темели на урбанизација, социјална заштита, екологија и заштита на културното наследство.

    „Од позиција на власт ќе донесеме мораториум за градба во централното градско подрачје до донесување на новиот Генерален урбанистички план (ГУП). Сакаме градот да се шири со нови населби, но тоа не значи дека центарот ќе се запостави, туку напротив – градењето мора да биде планско. Во сферата на социјалната заштита планираме изградба на социјални станови, а предност во сместувањето ќе имаат жртвите на семејно насилство. Екологијата и културното наследство ги ставаме заедно, затоа што на локално ниво тоа значи реставрација на постоечките споменици и креирање нови зелени површини во градот, кои се повеќе од потребни“, изјави Зафировски, кој додаде дека на нивната листа има кандидати од сите профили, а целта им е да го урнат СДСМ како втора политичка опција во општината.

    Од партијата најавија дека од денес нивните партиски простории на ул. „Моша Пијаде“ ќе бидат отворени секој ден до 21 часот, и граѓаните кои сакаат да се запознаат со нивната програма можат да ги посетат.