×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • „Лидл“ планира да гради маркети на три локации во Куманово

    11.03.2025 17:02 | Оливера Пешевска

    Германската компанија „Лидл“ планира да гради маркети на три локации во Куманово. 

    „Лидл“ планира да гради маркети на три локации во Куманово

    Едната е во центарот на градот на парцелата на Автобуската станица, втората e кај „Митев Мост“ и третата на влезот на Куманово кај поранешен „ЧИК“.

    Компанијата веќе побарала изработка на нов Детален урбанистички план (ДУП) и доставила предлог плански проекти, кои денеска беа презентирани пред членовите на Партиципативното тело за урбанизам, на Општина Куманово.

    „На просторот кај Автобуската станица се предвидува на истата парцела да бидат Автобуската станица и „Лидл“ маркетот, како една целина. Планирани се комплетно нови објекти, со обезбедени околу 120 паркинг места, од кои 37 наменети за трговскиот објект. За достава на робата ќе има посебна пристапна рампа“, објаснија архитекти од проектантското друштво „Архитектор“, кој го изработиле проектот.

    Проектот се однесува само на површината во сопственост на „Лидл“, додека објектите на Ветеринарната станица, Домот за стари лица, Пензионерскиот дом, Бензинската станица остануваат на локациите каде што се.

    За членовите на партиципативното тело беше нејасно дали сообраќајниците во тој дел на градот ќе имаат капацитет да ја издржат фреквенцијата на возила кон новите, но и на постоечките објекти.

    Вториот маркет е планиран на потегот од Градскиот кеј кон Митев мост. Тоа е неизградено градежно земјиште, каде повторно се задржуваат околните постоечки објекти- градскиот кеј, тенеските терени, и веќе постоечкиот Митев мост.

    Проблем на оваа локација е положбата на кружниот тек кој ги спојува двата булевари „Октомвриска револуција“и “Трета МУБ“. 

    „Тука е проблем пристапот до маркетот од веќе постоечкиот кружен тек, пристапот е единствено од страната на регионалниот пат Свети Николе. Тие што се движат од центарот кон периферијата на градот треба да отидат до излезот кон бањата, таму да свртат полукружно, што е сообраќаен прекршок, и да се вратат кон „Лидл“, истакна Денис Хаурдиќ, член на партиципативното тело. 

    Оставена е можноста да се изведе пристап од некоја друга сообраќајница, која во иднина би можела да се изгради во тој дел на градот.

    За „Лидл“ маркетот кој треба да се наоѓа на влезот на Куманово, приклучокот ќе биде од автопатот пред капијата кон поранешната фабрика ЧИК, што исто така има пречки.

    Јавното претпријатие за државни патишта не дало согласност да се направи пристапен пат во делот каде тие имаат надлежност, затоа што се работи за влезно- излезна лента од автопат. Единствениот сообраќаен пристап е од улицата „ЈНА“  која и во моментот е тесно грло, и преоптоварена со возила. Лошата поврзаност со „Трета МУБ“ претставуваат проблем, па и останатите маркети кои таму веќе стопанисуваат немаат голема посетеност. Оваа локација е оценета како најекономична во перспектива, поради близината на автопатот, но мора да се размислува за решавање на патната инфраструктура.

    Членовите на партиципативното тело, дискутираа само за првичната планска програма, сите забелешки ќе поминат стручна ревизија, потоа одлучува Општинската комисија за урбанизам. Планерот ги вградува доставените забелешки, пред предлогот да биде даден на усвојување на Советот.

    Партиципативното тело од областа на урбанизмот е  тело, согласно Законот за урбанистичко планирање, во кое членуваат претставници на граѓани од урбаните заедници, здруженија на граѓани, за да се овозможи поголемо граѓанско учество во процесот на донесување на Деталните урбанистички планови, како и да се зголеми транспарентноста на целиот овој процес.

    Германската компанија „Лидл“ купи парцела во индустриската зона Речица покрај автопатот Куманово-Табановце, и веќе гради логистички дистрибутивен центар. Земјиштето со површина од 17 хектари е продадено за 5,3 милиони евра.