Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Станарите на трите згради кај Градската џамија се против предлог-одлуката на Советот на Општината Куманово, улицата „Љубе Гашев„ да стане едносмерна и по неа да се вози само кон улицата „11 Октомври„.
Своето незадоволство граѓаните го изразија со петиција која ја доставија до градоначалникот и советниците во која бараат да не се дозволи да им се затвори влезот на зградите од централната градска сообраќајница.
Немаме ништо против воведување на еднонасочен сообраќај во овој дел на градот, но тоа не треба да биде на штета на околу 100 семејства кои живејат во овие три згради и околните куќи. Ние бараме улицата да остане двосмерна до нашите згради, а потоа нека се применува новото решение. Живееме во центарот на градот на главната улица, а треба да возиме по тесни сокачиња по улиците „Димитрие Туцовиќ„ „Пробиштипска„, „Орта бунар„ или покрај зградата на Урет и Зелениот пазар за да дојдеме до дома. Како ќе му објасниме на некој од страна каде да помине, кога и самите не можеме да се снајдеме во лавиринтот на козји патеки. Смешно е тоа што се прави, наместо да се реши сообраќајниот хаос уште повеќе ќе се комплицираат работите. Наместо да поминеме 20 метри по улицата „Љубе Гачев„ ќе правиме кругови и гужва со километри по околните улички.- велат станарите, кои ја потпишаа петицијата.
Граѓаните тврдат дека нивен најголем проблем во сообраќајот се нерегистрираните такси возилата кои ја узурпираат улицата „Љубе Гачев„ и создаваат невиден метеж. Доколку надлежните служби го санкционираат нивното однесување многу повеќе ќе придонесат за сообраќајниот ред, отколку со ограничување на движењето на возилата на станарите.
Одлуката за измена на режимот за сообраќај за третата фаза е утре на дневен ред на седница на Советот и последниот збор ќе го имаат претставниците на највисоките локални институции во градот.