Мени

Луна паркот кај спортската сала ќе остане до 1 март, потоа се сели на друго место

19.02.2026 09:19 | Сузана Николиќ

Луна паркот поставен кај спортската сала добил дозвола за работа од Општина Куманово само до крајот на месецот, по што ќе биде префрлен на друго место.

Луна паркот кај спортската сала ќе остане до 1 март, потоа се сели на друго место

Забавниот парк пристигна на почетокот на месецот и го зазеде паркинг-просторот, но неговото отворање било одложено поради одржувањето на Купот во кошарка. Синоќа паркот беше осветлен и подготвен за почеток со работа.

„Согласно Програмата за поставување урбана опрема, издадена е дозвола за работа за периодот од 17 февруари до 1 март, на паркингот кај градскиот базен. Станува збор за времено решение, додека не се создадат услови за префрлање на посоодветно место. Изработен е елаборат, целата опрема и реквизити поседуваат сертификати за исправност, а склучен е и договор со ЈП ‘Чистота и зеленило’ за одржување на јавната чистота“, велат од Општина Куманово.

Фирмата ги намирила и своите финансиски обврски – надомест за користење градежно земјиште и за вршење дејност, односно комунална такса.

Неофицијално, новата локација на која се планира поставување на забавниот парк е просторот зад спортската сала, кој во меѓувреме треба да се уреди и приспособи за новата намена.

Дел од граѓаните што живеат во околните згради реагираат дека луна паркот создава бучава и дека е узурпиран паркинг-просторот, со кој Куманово и онака се соочува со недостиг. Сепак, поголем дел сметаат дека е добро градот да добие нова содржина за забава на најмладите.

Луна паркот е во сопственост на фирма од Србија. Претходно бил поставен во скопската населба Аеродром, од каде што бил отстранет поради немање дозвола за работа.