Македонските ниви се жедни, а земјоделството е под сериозна закана
Земјоделското земјиште зафаќа околу половина од вкупната површина на земјата, а со тоа сушата претставува ризик со директни последици врз производството на храна, приходите на земјоделците и руралната економија.
Во услови на намалени врнежи, повисоки температури и подолги сушни периоди, потребата од поефикасно користење на водата и поотпорни производни практики станува сè поизразена.
Токму затоа денес по повод Светскиот ден на борбата против сушата и опустинувањето ја истакнуваме важноста за решенија што се тестирани и можат да им помогнат на земјоделците подобро да се приспособат кон климатските последици, што е една од приоритетните области кои ги поддржува Германската влада преку Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) во Северна Македонија и регионот.
Климатските проекции за земјата укажуваат дека, во сценарио со високи емисии, до крајот на векот температурата може да се зголеми за 5 целзиусови степени, летните врнежи да се намалат за 40 проценти, а бројот на летни денови да се зголеми за 50 до 60 дена годишно. Проф. д-р Тошо Арсов од Катедрата за овоштарство при Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје (ФЗНХ), посочува дека климатските промени сè поизразено влијаат врз земјоделското производство.
„Ако погледнеме наназад низ годините, просечната годишна температура на територијата на нашата држава веќе е зголемена за еден до два степени. За континенталните овошни видови повисоките температури имаат негативно влијание. Во комбинација со намаленото количество врнежи, тие создаваат сериозен проблем за одгледување овошни насади без можност за наводнување. Некогаш можевме да кажеме дека сливата во Малешевијата може да се одгледува и без наводнување, а јаболкото во одредени услови со минимално наводнување. Денес веќе не можеме да препорачаме ниту еден овошен вид да се одгледува интензивно, без услови за наводнување. Земјоделството се соочува со појава на ниски температури во доцните пролетни месеци (април-мај), недостиг на вода, честа појава на град, суви и жешки лета и со намалена релативна влажност на воздух. Сето тоа создава притисок и ја зголемува потребата од решенија за адаптација кон овие промени“, појаснува проф. д-р Арсов.
Со германска поддршка, Германското друштво за меѓународна соработка GIZ во партнерство со ФЗНХ, во Долно Лисиче, Скопје, неодамна отворија демонстрациско поле на кое се испитуваат различни пристапи за приспособување на земјоделското производство кон климатските промени. На полето се тестираат различни подлоги, растојанија на садење и режими на наводнување, со цел да се утврди кои комбинации се посоодветни во услови на суша, високи температури и други климатски ризици.