Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Неколку илјади кумановци синоќа учествуваа на протестниот марш што го организираше опозицијата предводена од СДСМ.
Лидерите на опозиционите партии заедно со граѓаните прошетаа по улиците во централното гратско подрачје и завршија пред зградата на Комитет. Тука на присутните им се обрати претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски, градоначалникот Зоран Дамјановски, пратеникот Оливер Спасовски, земјоделецот Трајан Димковски и стечајката Лилјана Георгиевска.
Утре ќе се одржи лидерска средба со Груевски. Што ќе каже тој не знам, но јас ќе му го кажам тоа што секој ден го говорам. Оваа земја не му припаѓа ни на Груевски, ниту на мене, ни на ВМРО-ДПМНЕ, ни на СДСМ. Ова што сега ни се случува не е борба за власт, туку за иднината на оваа земја, а за тоа може да одлучува народот. Народот нека одлучи дали е за партиска или за слободна држава, дали е за режимска-диктаорска или за демократска држава, дали народните пари ќе се трошат одговорно или криминално, дали повеќе ќе мислиме за живеачката на луѓето или за камења, бронза, фонтани, плоштади и жални врби. Народот може да одлучи само на слободни фер демократски парламентарни избори, кое е единственото решение за излез од оваа политичка криза. Ние од одлуката на народот не се плашиме и ќе ја почитуваме- рече Црвенковски.
Градоначалникот Зоран Дамјановски пред своите сограѓани прво зборуваше за непокорноста на нивните предци и слободарскиот дух на Куманово низ историјата, а потоа ја критикуваше актуелната власт.
Оваа власт го суспендираше Уставот и демократијата, она свето го градевме во изминатите 20 години. Сето тоа го напрвија за 10-15 дена заради нивни лични интереси, заради задолжување и ставање на парите во нивни џебови. Мои кумановци ние тоа нема да го дозволиме. Ќе се бориме сите заедно, ќе застанеме зад отпорот во борба за слобода, демократија и просперитет на оваа држава – истакна Дамјановски.
На присутните им се обрати и пратеникот Оливер Спасовски, кој на 24 декември заедно со останатите пратеници на опозицијата беше брутално исфрлен од седница на собранието.
Вечерва Куманово му праќа силна порака на Груевски да си оди од власта, заедно со оние кои го подржуваат во градот. Кумановци не ги сакаат они што крадат и оние што се предавници. Ние во Куманово знаевме секогаш да кренеме глас кога треба да им се помогне на стечајните работници, социјалните семејства и цврсто да застанеме зад интересот на секој граѓанин.Меѓутоа една работа не ја знајат Груевски, Пачков ни останатите што се со нив. Кога ќе се обидат да ја рушат демократијата, тогаш Куманово експлодира и се случува ова вечерва- изјави Спасовски.
За проблемите на стечајните работници и земјоделците говореа нивните претставници Георгиевска и Димковски.