Додека ме давеше, измислив дека син ми е дома, 83-годишна кумановка се спасила од убиецот од Драгоманце (видео)
Осумдесет и тригодишната Слободанка Арсовска од Куманово, благодарение на својата храброст и присебност, пред шест месеци успеала да се спаси од напад на осомничениот сериски убиец Т.Б. (25) од селото Драгоманце, општина Старо Нагоричане.
На 22 јули минатата година, околу еден часот по полноќ, додека престојувала во својата викендичка, напаѓачот влегол преку прозорецот од купатилото, откако ја скинал заштитната мрежа, и ја нападнал. Иако го познавала од порано, бидејќи често се движел низ селото, не очекувала дека неговите намери се монструозни.
„Кога го видов во ходникот го прашав што бара и кој му дозволил да влезе. Не кажа ништо, само направи два чекори, ме фати за вратот и ме турна на земја. Паднав, а тој седна врз мене и почна да ме дави. Во тој момент почнав да викам по синот, измислувајќи дека е на катот. Се уплаши, ме пушти и побегна низ прозорецот. Од ударот изгубив свест. Дури утрината, околу осум часот, успеав да им се јавам на децата. Кога се освестив бев модра околу вратот, мокра и изгубена. Тогаш сфатив дека сакал да ме убие. Имав голема среќа што останав жива“, раскажува старицата.
Нејзината ќерка, Сунчица Трендафиловска, вели дека тогаш започнала нивната голгота. Во Куманово во тој период се одржувала младинска олимпијада, а патот кон Старо Нагоричане бил затворен поради велосипедска трка. Иако знаеле дека животот ѝ е во опасност, полицијата не им дозволила да продолжат со автомобил, па биле принудени да одат пеш.
„Одевме околу еден час до куќата. Кога стигнавме, таа целата се тресеше. Веднаш пријавивме во полиција, која пристигна околу 15:30 часот, откако заврши трката и се ослободи патот. До тогаш чекавме и не можевме да ја однесеме во болница. Имаше притисок 200 со 150. Среќа што сум медицинско лице, па ѝ укажав прва помош“, вели Сунчица.

По извршениот увид, Слободанка била пренесена во кумановската болница, каде ѝ била укажана медицинска помош и биле констатирани повреди. Сепак, како што тврди семејството, тоа не било доволно за да се преземат понатамошни мерки, иако напаѓачот бил посочен со име и презиме, бидејќи ништо не било украдено, ниту имало тешки телесни повреди.
„Цело време тврдат дека не бил во добра здравствена состојба. А чува 100 овци и кози кај очувот. Ако не е добар, како знае да напаѓа само жени? Зошто не влезе во куќа каде што има мажи? Една сосетка стави решетки на прозорците. По цела ноќ ѝ светеше со телефонот под прозорец и пријавуваше во полиција, ама ништо“, вели Слободанка.
Поради страв за нејзината безбедност, семејството решило да ја пресели во Куманово. Се сомневаат дека поради пријавата, во декември им била искршена вратата од куќата.
Тие посочуваат дека куќата на убиената 78-годишна жена се наоѓа на само три куќи од нивната, како и дека и други жени од селото се жалеле на истиот насилник. Доколку навреме бил затворен немало да биде убиена 78-годишната жена, како и останатите за кои се истражува.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, Т.Б. се сомничи дека во периодот од 27 јануари до 12 февруари физички ја нападнал и ја задушил со перница М.С. (78) од селото Челопек, општина Старо Нагоричане, која починала.
„Се сомничи и за повеќе кривични дела ‘тешка кражба’ во неколку села на подрачјето на општина Старо Нагоричане. Известен е јавен обвинител, а лицето е задржано во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава“, соопштија од МВР.
Основното јавно обвинителство Куманово започна истрага за да утврди дали Т.Б. (25) е поврзан и со други случаи на убиства, а не само со последниот за кој е приведен.
Во координирана акција, обвинителството, Истражниот центар, МВР и екипи од Институтот за судска медицина обезбедиле докази што укажуваат на можна поврзаност на овој настан со неколку други слични случаи во кумановскиот регион.
„Поради сличностите во изборот на жртвите и суровиот начин на извршување на делото, се испитува дали и во тие случаи станува збор за убиства извршени од ист сторител. За една од потенцијалните жртви беше наредена ексхумација и обдукција, при што се подигнати траги и ДНК-материјал кои се предмет на вештачење“, информираат од Обвинителството.