Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Центарот за јавно здравје Куманово во 6-та недела од 2025 година пријавил 109 нови случаи на грип.
На државно ниво за 5 проценти се намалени случаите на грип и заболувања слични на грип во однос на претходната недела, но истиот период лани имало 53 посто помалку случаи во овој период.
„Се забележува зголемување на бројот на заболувања слични на грип, кој е над неделната граница за средна активност. Резултатите добиени од вирусолошкиот надзор над инфлуенца покажуваат дека има широка географска активност на вирусот на грип. Процентот на позитивност е над границата од 10 проценти пет недели со ред. Согласно достапните податоци, Р.С. Македонија има висок интензитет на вирусот на грип“, известуваат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) Скопје.
Најголем дел од заразените се на возраст од 15 до 64 години, но вирусот најбргу се шири кај најмалите, децата од 0 до 4 години. Во октомври, кога започнува мониторинг на активност на грип и заболувања слични на грип имало 195 случаи во Македонија, ова недела 2.880 случаи. Во последните 4 месеци грип прележале 11.614 македонски државјани.
Мерките за заштита од грип се добро познати и неколку пати повторувани: да се избегнуваат контакти со лица со покачена телесна темература, кои кашлаат и киваат, да се избегнува задржување во непроветрени простории каде има поголема концентрација на луѓе, да се практицира поголема хигиена на рацете и здрав начин на живот- топло, слоевито облекување, проветрување на стамбените и работните простории, топли напитоци и окрепувачки оборци, зголеме внес на намирници богати со витамин Ц, редовен одмор, доволно одмор и сон.
Сепак и со примена на сите препораки можни се инфекции со грип и заболувања слични на него, а ниту една група на жители не е имуна на ширење на заразата.
„Сепак, дури и да сте совршено здрави и да имате силен имунитет, може да заболите од грип или заболување слично на грип“, потсетуваат од ИЈЗ Скопје.
Во случај на инфекција се препорачува избегнување на секојдневните обврски, самоизолација, што значи отсуство од работа или училиште, престој во проветрени и затоплени простории, консумација на повеќе течности. Постарите од 65 години и хронично болните доколку забележат влошување на симптомите или подолготрајна инфекција задолжително да побараат лекарски совет.