Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Андреј Доневски, ученик во прва година во Гимназијата „Гоце Делчев“ од Куманово замина за Банкок, Тајланд, каде ќе учествува на натпреварите на Светска Јуниорска Олимпијада по природни науки за 2023 год.
Андреј се квалификуваше за Олимпијадата преку натпреварите по физика за 9 одделение, минатата година, и е дел од 6-члениот македонскиот тим, предводен од професори од Природно математичкиот факултет. На Олимпијадата во Банкок го придружува и неговата менторка, наставничката Жаклина Пешевска.
„Натпреварите започнуваат и се надеваме на успех затоа што учениците навистина вредно работеа и вежбаа цели 3 месеци со професори од ПМФ, од Институтот за физика, хемија и биологија, каде покрај настава и онлајн часови, беа вклучени и експерименти во лабораторија. Истовремено, вежбаа и со олимпијци од претходните години“, истакна Горан Доневски, таткото на Андреј.
На Олимпијадата во Тајланд учествуваат 60 држави, а секогаш има најмалку 300 натпреварувачи. Ова е првенство за јуниори до 15 годишна возраст и сите се натпреваруваат во иста категорија. Македонија досега има настапувано 6 пати, освоено бронзени и сребрени медали, но не и злато.
Организаторите обезбедуваат сместување и превоз каде се одвива првенството, но авионските билети, материјалите како микроскопи и други средства, маици-дресови на кои ќе пишува Македонија тимовите сами ги обезбедуваат. Трите друштва - на физичари, на хемичари и на биолози на Македонија успеале да најдат донатори, приватни спонзори, па финасискиот товар во најголем дел е симнат од родителите.
„Друштвото на физичари на Македонија преку приватна фирма од Битола успеа да обебзеди спонзорство со кој се покриваат голем дел од трошоците. Финансиска поддршка дадоа и општините Куманово и Старо Нагоричане, како и Агенцијата за млади и спорт. И ние,родителите придонесовме,но не беше издаток како што сметавме дека ќе биде на почетокот“, објаснува Горан.
Засега останува само да навиваат и да се надеваат дека Андреј ќе успее да освои медаља.
Во секој случај не се сомневаат дека ќе покаже знаење и ќе оствари добар резултат на кој ќе се гордее и семејството, но и професорите кои работеле со него.