Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Модната ревија „Магија на кругот“ на матурантите од текстилно - кожарската струка од средното училиште „Перо Наков“ во Куманово предизвика огромен интерес во кумановската јавност, особено меѓу младите.
Многубројната публика во Занаетчискиот дом каде се одржа ревијата, беше водушевена од модните дизајни на вкупно 32 модели, изработени од учениците од 3 и 4 година од ова стручно училиште.
„Со модната ревија сакаме да им покажеме дека учењето кај нас може да биде интересно и креативно. Во публиката имаш многу заинтресирани основци и средношколци, но и повозрасна публика. Се надеваме дека презентацијата на образованието и практичната работа на овој начин, ќе привлече некои од деветоодделенците да се запишат на нашите смерови“, рече Фросина Митковска - Цветковска,професорка во „Перо Наков“.
Целата подготовка на модната ревија е самостојна работа на ученичките кои воедно беа и манекенки и тоа од изработка на моделите до фризура и шминка, со поддршка и мали сугестии од професорите. Модните парчиња што ги дизајнираа учениците , пак, беа изработени во соработка со текстилните фирми Салса и Босут, модни студија и искусни шивачи каде што е реализиран и
практичниот дел од наставата.
Во реализација на проектот беа ангажирани ученици од насоките: техничар за изработка на облека, техничар за дизајнирање на облека,техничар за моделирање на облека и техничар за изработка на обувки, заедно со 10 професори, предавачи на стручни предмети од текстилно-кожарската струка, како и од насоката за графички дизајн.
Моделите ќе се чуваат во училиштето како пример за изработка за наредните генерации.