„Мото-рок фест“ во петок и сабота на Аџитепе
На Спортскиот аеродром Аџитепе во Куманово, во петок и сабота ќе се одржи „Мото рок фест 2025“ во организација на Мото клубот Мечки.

На програмата се локални бендови, групи од Македонија, но и гости од Србија, Босна и Херцеговина (БиХ) и ритам- блуз бендот „Хут анд Халерс“ од САД.
„Очекуваме многу добар одзив од публиката а целта ни е да го надминеме бројот од 20.000 посетители и повеќе од 3.000 мотори од цела Европа. Програмата е направена за публика од најмали до најстари, имаме програма за деца со аниматори за мали деца, ќе имаме игри и натпревари за „големи деца“, како и натпревар во печење прасиња“, истакна Столе Јакимовски, член на Мото клубот Мечки.
На фестивалот ќе настапат локалните бендови Лектира, Оверлод, Солушан, потао Риф бенд од Србија, Стрингси од БиХ, „Хут анд Халерс“, бенд од САД кои свират ритам и блуз, а според најавите на организаторите шлаг на тортата е ЕКВ трибјут бендот- Деца из воде со специјалниот гостин Срѓан Жика Тодоровиќ.
Мото клубот Мечки е основан во 2008 година, а идејата за организирање на ваква забава се родила по прославата на првиот роденден. Посериозно започнале да го организираат во 2014 година, а со одредени паузи фестивалот се одржува и до денес.
„Освен фестивалот имаме и голем број на хуманитарни акции, поддржуваме превентивни акции и кампањи за поголема безбедност во сообраќајот, посебно за мотоциклистите, за важноста за носење на кацига и заштитна опрема. Имаме добра соработка со СВР Куманово и општинската организација на Црвен крст“, дополни Давор Петрушевски, еден од оснивачите на МК Мечки.
Фестивалот се одржува со поддршка на Општина Куманово од 900.000 денари, Здружението Коледари, како и приватни фирми и компании кои помагаат да се реализира проектот.