Над 250 граѓани од Куманово добија ваучери од 28.000 денари за инвертер-клими
До 17 април граѓаните можат да ги подигнат ваучерите за набавка и вградување инвертер-клима уреди, кои се одобрени по јавниот оглас на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) за 2025 година.
Вкупно 4.070 граѓани во земјата ќе добијат ваучери во вредност до 28.000 денари. Во Куманово со ова право се стекнале 258 граѓани, во Липково 79 и во Старо Нагоричане 9. Ваучерите можат да ги подигнат во меѓуопштинските центри за социјална работа во општината во која живеат.
Списокот на граѓани кои стекнале право, како и списокот на компании, се достапни на веб-страницата на Министерството.
Ваучерот овозможува набавка и вградување инвертер-клима уред со моќност од 3,5 киловати и најмалку енергетска класа А+, а може да се искористи најдоцна до 15 октомври годинава.
„Станува збор за втора фаза од веќе завршената постапка, во која право на поддршка имаа исклучиво домаќинствата што најдоцна до 5 октомври 2025 година поднеле барање, доставиле комплетна документација и ги исполниле условите утврдени во програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија“, информира МЕРМС.
На веб-страницата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) се објавени сите детали за потребната документација и постапката за подигнување, како и списокот на компании со кои се склучени договори, каде што граѓаните ќе можат да ги набават уредите користејќи го ваучерот.