×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Над 600 пакетчиња подели организацијата „Дарио Петровски“ на дечиња во руралните средини

    11.01.2024 11:12 | Оливера Пешевска

    Хуманитирната организација „Дарио Петровски“ е веќе добро позната на кумановската јавност и имаат организирано повеќе успешни акции за прибирање на финсиски средства за деца на кои им е потребно лекување или помош на семејства од ранливи категории. 

    Над 600 пакетчиња подели организацијата „Дарио Петровски“ на дечиња во руралните средини

    За година и половина од формирањето веќе имаат воспоставено контакти со правни лица, имаат постојани донатори, но и приватни лица кои се повеќе и почесто се одѕиваат на нивните повици за помош.

    „Првата активност ни беше наменета за „Леон Кидс“, центар во Скопје за деца со посебни потреби. Тоа беше мала активност – пикник во црквата Св. Ѓорѓи во Старо Нагоричане, каде подготвивме ладни сендвичи за децата и денот го поминавме во игри со топка и забава. Продолживме со хуманитарни вечери и така и всушност функционираме- контактираме со родители за чии деца е потребна финасиска помош за лечење и со нивно одобрение организираме вечери каде се прибираат средства кои се пуштаат директно на сметките на децата. Сето тоа си врви по правила и прописи, онака како што треба, па и довербата во нашата работа расне“, истакнува Вања Роберт од организацијата.

    Таа вели дека немаат конкретна бројка на тоа колку акции досега организирале, но најмногу пред новогодишните и божиќините празници за доделување на пакетчиња. Поделиле 600 пакетчиња во училишта во селата Табановце, Четирце, Горно Којнаре, Орашац, Кучкарево, Габреш, Доброшане, Биљановце, на детскиот оддел на Општа Болница Куманово. Со акциите не се ограничени само локално, па имале донации и на детска хирургија на Клиничкиот центар „ Мајка Тереза“ во Скопје, а на Одделот за онкологија донирале новогодишна елка и лампиони.Ги посетиле штитениците од Домот за деца без родители и родителска грижа „11 Октомври“ во Скопје.

    До сега соработувале со „Порака наша“ и Црвен крст Куманово, а годинава очекуваат потпишување на меморандум за соработка и со Општа болница Куманово, каде веќе имаат неколку донации.

    Хуманитарната организација „Дарио Петровски“ постои од 26 јуни 2022, тоа е роденденот на братот на Вања, а организацијата е формирана во негова чест. Роберт работи и во семејната приватна фирма, но многу повеќе време и енергија вложува во хуманитарната работа, тоа е она што ѝ лежи на срце.

    „Причината зошто ја започнавме ме турка да идам само напред и да создадам нешто поголемо што ќе остави белег и ќе биде запаметено како успешно. Се насочивме на хуманитарна работа кога го изгубивме брат ми, тој беше добар човек кој сакаше да помага на луѓето. Тоа не исполнува. Самото тоа кога ќе ја облечеш маичката или беџот со логото на кое е неговата слика те води напред и се забораваат и стресот и еуфоријата во подготвувањето и реализирањето на акциите“, искрена е Вања.

    Младата хуманитарка веќе има искуство во општествено ангажирање и помагање, во „Порака наша“ волонтирала 6 години, има учествувано и во хуманитарни акции на Црвен крст, што го одредило патот со единствената цел да се продолжи името на Дарио.

    Многу активности се планирани за 2024 година, но приоритетот го насочуваат кон подигањето на менталното здравје на децата, основците и средношколците, кое е важен сегмент од целокупната благосотојба.

    „Не можам да кажам кои се плановите затоа што голем број од акциите се организираат спонтано и се случува некој голема акција да е хитна, па се организира за ден или два. Немаме планер, се работи спонтано и од срце“, искрена е Вања.

    Се надева дека државата и општеството ќе се развијат до тој степен да ќе нема потреба од нивно ангажирање, дека нема да има деца што страдаат, немаат потреба од пари за лекување, дека децата ќе се социјално згрижени, на топло и сити, под родителска грижа и нема да чувствуваат никава болка или тага. Или пак родителите да гледаат како им копнеат децата, а немаат можност да им помогнат. До тогаш, искрено и енергично продолжуваат секаде каде што имаат можност, вели младата хуманистка.