Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Поголем број кумановци се вработиле минатата година преку мерките и програмите кои ги спроведувал Центарот за вработување од Куманово.
Меѓу поатрактивните мерки се издвојува мерката за самовработување, која подразбира поддршка за претприемништво. За мерката аплицирале 201 невработени лица, а 186 од нив основале свои фирми и проблемот за невработеност успешно го решиле.
За мерката практиканство се пријавиле 184 млади невработени лица, од кои 141 се вклучиле во процесот на работа во реални услови кај конкретни работодавачи. Најголем дел од нив веќе го завршиле тримесечниот практикантски период, а само за мал дел се уште е во тек реализацијата на ова програма.
Субвенционирањето на плати, заинтересирале 94 фирми и 85 невработени лица, но се вклучиле 61 фирми, а со неа се креирани 64 нови работни места.Преку 39 правни субјекти се креирани 44 нови работни места за 44 лица преку програмата за вработување и раст на правни субјекти.
Делот со обуките бил исто така атрактивен за невработените лица и работодавачите, најинтересна била „Обуката за напредни ИТ вештини“.
„Тука беа вклучени 13 модули, 130 невработени лица од Куманово изразија интерес за учество, но дел од нив не продолжија поради резултатите што ги покажаа на прелимирна тестирање, за тоа колку успешно можат да се вклопат и да ја совладаат обуката. Нешто повеќе од половина односно 68 лица успешно ја поминаа и ја завршија обуката за одредени програмски модули“ појаснува директорката Марија Димитријевска.
Обука за побарувани занимиња поминале 33 лица и се стекнале со сертификати за соодветни занимања. Реализацијата на мерката за „Обука за професионални возачи“ за Ц и Д категорија е во тек – 20 лица потпишале договори и се во тек на самата обука. Центарот за вработување овозможува посетување на обука и едно полагање за секој кандидат.
Самиот оперативен план имал и други мерки како што е поддршка за креирање на нови работни места преку зелени инвестиции, обука на работно место кај познат работодавач, обука за стручни квалификации согласно потребите на работодавачите. Имаше обуки за „Економија на грижа“ каде што спаѓа општинско корисна работа- во согласност со самиот проект кој што беше креиран од страна на општина Куманово 15 лица се вклучија во пружање услуги на лицата со попреченост, конкретно образовни и лични асистенти, а исто така на територија на општина Липково се реализирала и мерката „Обука за вработување на лица за обезбедување на услуги на грижа на лица во заедница“, каде 15 невработени лица од општината Липково се вклучиле во пружање на услуга на стари лица со хронични заболувања.
Освен набројаното оперативниот план содржи и услуги кои Агенцијата за вработување ги реализира како своја секојдневна активност. Услугата посредување при вработување е една од побитните услуги кои Агенцијата за вработување ги реализирала. Во изминатата 2023 година, 412 лица се вклучени во оваа услуга за посредување.
„Не помал е интересот од ТИРЗ зоните за вработување, кои не спаѓаат под надлежност на Центарот за вработување Куманово, меѓутоа посредуваме затоа што крајната цел е вработување на невработените лица и намалување на стапката на невработеност. Исто така 1301 лица се вклучени во помош при барање на работа односно сет на услуги кои што ги нудиме секојдневно, значи помош при пребрарување на огласи, профилирање, правење на кариерни советувања“, посочува Димитријевска.
АВРСМ ја нуди услугата професионална ориентација и кариерно советување каде што 46 лица биле вклучени во оваа услуга,а повеќе 50 насто се веќе вработени во изминатата година.
Некои од најпопуларните мерки нема да се спроведуваат затоа што креираните кадри од одредено занимање веќе го задоволуваат пазарот на труд, но несомнено ќе се креираат нови.
„На пример обуката за специјалиста за човечки ресурси во Куманово успешно ја завршија 8 лица, но најверојатно нема да продолжи и ова година. Имаме доволно креиран кадар на национално ниво, иако 8 лица за општина како Куманово се недоволни. Но, не можат да се креираат програми поединечно за секој центар, а и не треба да се создаваат кадри кои би биле вишок на пазарот на труд- поентата е да се вработат по завршувањето на нашите курсеви“ истакна Марија Димитријевска, раководител на локалниот Центар за вработување.
По последните официјални информации заклучно со 30 ноември 2023 на ниво на Центарот за вработување Куманово се пријавени се 10.876 лица како активни баратели на работа.