×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Наместо шест бесплатниот превоз за пензионерите ќе трае три месеци

    12.07.2021 06:47 | Сузана Николиќ

    Советот ја измени одлуката што ја донесе на минатата седница за спроведување на мерки за субвенционирање на трошоци за јавен градски и меѓуградски превоз за 2021 година за одредена група на пензионери. Наместо првично предвидени шест месеци сега субвенциите ќе траат три месеци.

    Наместо шест бесплатниот превоз за пензионерите ќе трае три месеци

    Бесплатен превоз ќе можат да користат пензионерите што имаат пензија до 11 илјади денари, за што Општината од сопствен буџет одвои 1,5 милиони денари. Одлуката ќе стапи на сила од 15 јули и ќе трае до октомври.

    Советниците ги прашаа надлежните општински служби поради што се намалува времетрањето на мерката, ако на минатата седница тврдеа дека таа е најдобро решение, а сега се примислија. Тие обвинија дека таа е донесена набрзина и без добра подготовка.

    „Основанта одлука за субвенционирање на пензионерите ја донесовме минатиот месец и требаше да трае 6 месеци. Сега се предлага Советот да прифати субвенционирање за 3 месеци. Како се направени тие математики кога за еден месец се преполовија и паднаа во вода, ова кажува дека не е направено како што треба. Не може така да се работи и да се игра со бројките кога станува збор за луѓе“, изјави советникот Зоран Петрушевски од ГРОМ.

    Претседателката на Советот Атина Мургашанска, вели дека оваа помош е намената за најранливата категорија на пензионери, со најниски примања, која е новина кај нас и затоа не можело се` да се предвиди. Поради тоа ги користат искуствата од другите општини, а во консултација со Здружението на пензионерите и превозниците било одлучено да се оди со пократок пробен период, па откако ќе се видат резултатите да се продолжи.

    „Во овој период ќе се анализира колку пензионери ќе се пријават, колку средства ќе се потрошат, и да видиме со одвоените средства на колку пензионери можеме да помогнеме. Ако во овој тримесечен период овие средства бидат доволни и оптимално потрошени, тогаш ќе продолжиме со оваа мерка и во понатамошниот период, ако не ќе менуваме таму каде што ќе се покажат слабости“, кажа Мургашанска, која истакна дека се преполовува рокот, но не се намалува износот на средствата и поради тоа мерката ќе опфати поголем број на пензионери.

    Советникот од СДСМ, Самет Салиевски, се побуни дека тие веќе се пофалиле пред јавноста дека бесплатниот превоз ќе трае шест месеци, па сега треба да ги разочараат и да кажат дека излажале.

    „Минатата седница беше добро објаснето дека субвенционирањето ќе биде шест месеци. Сега се намалува на три. Сакам предлагачот да објасни зошто е тоа така. Бидејќи јас се пофалив кај моите сограѓани во ромската заедница и сега треба да ги разочарам и да кажам нема шест туку три месеци, а всушност дали ќе има и три. Дај точно да прецизираме, јас гласав за шест месеци, а сега треба за три. Сега треба да им кажам на луѓето дека ги излажав. Па, немојте ве молам, дај да бидеме сериозни, да носиме одлуки кои ќе бидат како што треба“, кажа Салиевски.

    Раководителката на Секторот за финансии Ирена Илиевска, објасни дека периодот на субвенционирање се скратува затоа што во консултација со Здружението на пензионери процениле дека предвидените средства од 1,5 милиони денари се малку за шест месечен период, поради големиот број на пензионери.

     „Во првиот ребаланс ставивме 1,5 милиони денари кои требаше да бидат потрошени за 6 месеци, но врз основа на бројот на пријавени пензионери, се увиде дека оваа сума е многу мала за предвидениот период. Затоа се подели на три месеци, но тоа не значи дека ќе се прекине, туку со ребалансот во ноември ќе се обезбедат дополнителни средства за уште три месеци. Сумата не се намалува, туку тогаш ќе се зголеми на 3 милиони за да покрие трошоците за 6 месеци до крајот на годината“, кажа Илиевска.

    Таа додаде дека е направена и точна пресметка на вредноста на возниот билет во градскиот и меѓуградскиот превоз од Куманово до Скопје, по што било решено одлуката да се измени.

    Пензионерите ќе се возат бесплатно до избори, а дали субвенциите ќе продолжат ќе зависи од новата локална гарнитура.

    (С.Н.)