Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Казна од 300 евра ќе платат сите кои не го почитуваат Законот за домување и куќниот ред, и наместо на определено место, сметот го оставаат на јавна површина.
Станарите во колективните згради во Куманово се жалат дека се почесто нивните соседи наместо во контејнер, ѓубрето од дома го фрлаат преку тераса или го оставаат пред врата. Оваа лоша навика ги валка заедничките простории во стамбените згради, па соседите бараат заштита од несовесните комшии.
Јас живеам овде 30 години и никогаш не било вака. Откако се вселија новите соседи направија буниште од влезот. Пред секоја врата има канта со смет или картонска кутија од која не може да се помине. Повеќе пати ги опоменувам дека ѓубрето треба да си го чуваат на тераса, но нема на кого. Овие згради се војни и некогаш се знаеше што е ред и дисциплина, но повеќе го нема тоа, се сменија времињата - вели една станарка од зграда на улицата „11 Октомври„.
И станарите од зградите на „Октомвриска револуција„ потврдуваат дека дел од нивните соседи не го почитуваат основното правило за колективното живеење, а тоа е хигиената на заедничките простории.
Новопечените госпоѓи, навечер ги мрзи да го однесат ѓубрето во контејнер, па го оставаат пред врата. Бидејќи спијат до доцна, ѓубрето стои по цел ден, а најлошо е кога ќе се растече по скалите. Има и такви кои од сметот се отарасуваат низ прозорец. Инспекцијата треба да ги казни сите кои ја валкаат околината- раскажува друга кумановка.
Инспекторот за домување во Општина Куманово, Сељами Ајрулау објаснува дека станарите во вакви ситуации можат да се обратат до заедницата на сопственици.
Порано имаше куќен совет, сега е заедница на сопственици и тие се регистрирани во Централен регистар. Ќе се обратат до претседателот и тој ќе реагира до инспекторите за домување во Општината. За вакви прекршоци на правилникот следи казна од 300 евра. Ние засега не казнуваме, бидејќи граѓаните уште не се запознаени со законот - смета Ајрулау.
Тој објаснува дека сега делуваат превентивно, едукативно, а потоа ќе следуваат и казни за станарите кои не го почитуваат куќниот ред.