×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Нарачани се 2.500 бесплатни вакцини против сезонски грип за жителите на Куманово

    15.10.2024 11:37 | Оливера Пешевска

    Вакцинацијата против сезонски грип се очекува да започне следната недела во просториите на Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Куманово.

    Нарачани се 2.500 бесплатни вакцини против сезонски грип за жителите на Куманово

    Нарачани се 2.500 бесплатни 4-валентни вакцини, наменети за ризичните групи и 200 комерцијални, за лицата кои не спаѓаат во ниедна ризична категорија, но имаат потреба да ја примат. Се уште не е познато колку ќе чини комерцијалната вакцина.

    „Најправилно е пациентите самостојно да се пријават за вакцинација, преку страницата vakcinacija.mk -пријава за вакцинација за сезонски грип 2024. Многу е покомфорно и посигурно да го користат овој метод. Помладите членови од семејството тоа можат да го сторат наместо нив, а подоцна на мобилен ќе добијат порака со точен термин, датум и време кога можат да ја примат. Веќе е позната процедурата и за нас, медицинскиот кадар, но и за пациентите“, истакна д-р Јадранка Стаменковска, епидемиолог од ЦЈЗ.

    Минатата година вакцинацијата започнала од 25 октомври, но процедурата се спроведувала и во ноември и декември. Во последните три месеци од 2023 година 2.348 лица ја примиле бесплатната вакцина, и 141 комерцијалната вакцина. Лекарите тврдат дека пикот на грип и заболувања слични на грип е во втората половина на јануари и февруари, па не е доцна да се прими вакцината пред новогодишните празници.

    Вакцинацијата е бесплатна за ризичните групи меѓу кои стари лица (над 65 години), лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и деца на возраст од 6 месеци до 5 години како и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во тие установи. Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна мерка за превенција од вирусот , која спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход, особено кај ризичните групи.

    Според календарот на Институтот за јавно здравје во 40-та недела од годината се започнува со следење на вирусните заболувања- посебно за грипот. Во Куманово до сега нема пријавени случаи, а во првата недела од месецот на ниво на државата пријавени се 25 случаи на грип или заболувања слични на грип.