Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Од утре започнува со работа народната кујна која ќе обезбедува еден дневен оброк за 73 граѓани. Услугата ќе ја врши Ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“- Куманово, со финансиска поддршка од страна на Општина Куманово.
„За ова мерка се предвидени 5,4 милиони денари, јавниот повик за ова мерка е завршен. Моментално се 73 корисници, но имавме пријавено повеќе од 200. Многу од нив немаа комплетна документација, па нашите служби им помагаат за да влезат во процесот до остварување на правото. Храната ќе ја подготвува Ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“, а корисниците ќе подигаат подготвени оброци како ланч пакети“, објасни Александар Крстевски, раководител на Секторот за социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита.
Народната кујна е само една од мерките од Програмата за развој на социјална заштита на Општина Куманово за тековната 2024 година. Анализата на општинските служби покажала дека под голем социјален ризик се и лицата со интелектуална попреченост, лица со телесна попреченост, потполно слепо и потполно глуво лице, па од тие причини е направена измена и дополнување на јавниот повик. Првично повикот беше наменет за корисници на гарантирана минимална помош во Центар за социјална работа, лица со многудетно семејство или лица корисници на минимална пензија.
Пријавувањето за нив ќе трае до крајот на годината, или до искористување на предвидените финансиски средства за субвенционирање на трошоци за комунални услуги или право на користење на народна кујна.
Користењето на субвенции, по било кој основ беше во прекин поради изборниот процес и законите кои се применуваат во предизборието.
„Со завршување на изборниот процес и формирање на Владата, продолжува субвенционирањето на комунални трошоци. Засегнатите граѓани кои до сега не поднеле барање, а ги исполнуваат условите, ќе можат да поднесат барање за категоријата во која припаѓаат и истото ќе можат да го сторат до крајот на 2024 година. Од реални причини, Општина Куманово одлучи да го продолжи рокот за прибирање на барања за субвенционирање на комунални трошоци, за да се искористат целосно финансиските средства предвидени за оваа намена. Истовремено, сите претходно усвоени барања на подносителите на кои им е одобрено користење на субвенцијата ќе можат да ја користат мерката со важност од 1 јули до крајот на годината“, потенцира Крстевски.
За субвенционирање на сметките за вода и ѓубрарина можат да се пријават стечајни работници, самохрани родители, згрижувачки семејства, лица кои до 18 годишна возраст имале статус на дете без родители и родителска грижа, лица со попреченост над 26 годишна возраст и приматели на право на посебен додаток.
Заинтересираните за сите подетални информации можат да се јават во службите на Општина Куманово.