Мени

Нашите пари не се црни, оданочени се во државите каде што работевме, порачаа кумановци од протестот пред УЈП (видео)

26.12.2025 15:42 | Сузана Николиќ

Стотина кумановци, кои работеле во американските бази во Ирак и Авганистан, денеска протестираа пред канцеларијата на УЈП во Куманово, незадоволни од одлуката за ретроактивно оданочување на приходи остварени од странство, почнувајќи од 2020 година.

Тие тврдат дека данокот бил платен од фирмите што ги ангажирале во земјите каде што работеле, а сега државата, во време на празници, сака повторно да им наплати, со што врши притисок врз сопствените граѓани.

„Ние не бегаме од даноци, ниту сме против нивно плаќање, но нема да прифатиме неправда, селективна примена на законот и уцени, спакувани како информативни пресметки и решенија. Во изминатите две до три недели УЈП нè контактираше сите нас, усно или писмено, и ни достави пресметки за 2020 година, односно за пред пет години. Сметаме дека УЈП направила сериозни пропусти во постапките – не постапила навремено со евидентирање на приливите, не донела решение во наредната година и не ги информирала навреме граѓаните. Ова не е редовна даночна постапка, туку лов на пари за полнење на државната каса“, изјави Зоран Наковски, кој рече дека добил решение да плати данок во износ од 4.000 евра само за 2020 година.

Тој вели дека, согласно законот, лицата кои престојувале повеќе од 183 дена надвор од државата не се сметаат за даночни резиденти, а секој од нив поминал од 9 до 10 месеци во странство. Сега УЈП бара тие самите да обезбедат докази, а МВР не им издава потврди за влез и излез од државата за 2020 година, со образложение дека не чува податоци постари од пет години, додека копиите од пасоши со печати не им се прифаќаат како доказ.

„Нашите пари не се црни, тие се веќе оданочени во државите каде што работевме. Ова што се прави денеска е двојно, па и тројно оданочување, спротивно на правото, законот и здравиот разум. Имаме примери од 10 до 15 луѓе кои работеле во Ирак во друга компанија, не во нашата, кои добиле потврда од фирмата дека таму е платен данокот, со документи преведени од арапски на македонски јазик, доставени до УЈП, и тие се ослободени. Ние сите ќе обезбедиме такви документи, само нека ни дадат време, бидејќи не можеме одеднаш да ги добиеме сите податоци. Нè обврзуваат до 15 јануари да го платиме данокот, во спротивно ќе плаќаме камата. Имаме право на жалба, но таа не го одложува плаќањето, што значи дека ќе дојдеме до извршители“, додаде Наковски.

Од оваа одлука на УЈП во Куманово се засегнати околу 4.000 лица, а оданочувањето главно се однесува на платите што тогаш им биле исплаќани.

Дел од присутните истакнаа дека средствата што ги заработиле одамна се потрошени, а сега добиваат високи пресметки кои не се во можност да ги платат.

Тие најавија дека нема да го плаќаат данокот додека не ги искористат сите законски и правни механизми во државата, како и пред меѓународните судови.

Од Управата за јавни приходи велат дека известувањето што го добиле граѓаните претставува повик за појаснување, проверка и утврдување на фактичката состојба согласно законот, односно можност да достават докази за правилно утврдување на даночната обврска.

„Нагласуваме дека резидентите кои за остварениот доход веќе платиле данок во странство нема да бидат двојно оданочени“, стои во соопштението на УЈП.

 

Нашите пари не се црни, оданочени се во државите каде што работевме, порачаа кумановци од протестот пред УЈП (видео)