„Не дозволувајте да ве измамат по телефон!“, кампања на МВР во Куманово
Полициските службеници од Отсекот за превенција при СВР Куманово денеска во центарот на градот спроведоа акција за подигнување на свеста кај граѓаните за спречување на телефонски измами.

Граѓаните добија совети како да ги препознаат измамниците и да се заштитат од таканаречените „лажни сообраќајни незгоди“.
Станува збор за случаи кога измамници се јавуваат по телефон, се претставуваат како полициски службеници, адвокати или лекари и лажно тврдат дека член на семејството предизвикал сообраќајна незгода, по што бараат пари за да се избегне одговорност или затворска казна.
На граѓаните им беше посочено во вакви ситуации да останат прибрани, да не предаваат пари на непознати лица и веднаш да пријават сомнителни повици на броевите „192“ и „112“.
Со оваа превентивна активност, Отсекот за превенција има за цел да ја зголеми информираноста и внимателноста на граѓаните, како и да ја намали можноста тие да станат жртви на вакви кривични дела.