Не купувајте пиротехника на децата за празниците, опасно е, апелира МВР
Со цел побезбедни празници, да не се употребува пиротехника, од МВР апелираат до рододителите да не купуваат пиотехнички средства на децата, бидејќи се работи за опасни материјали.
Министерството ги повикува граѓаните за време на новогодишните празници максимално да се воздржат од употребата на пиротехнички средства, бидејќи петардите не се играчка, и потсетуваат дека нивното користење е строго забрането.
„Петардите се опасни и штетни. Имајќи го предвид сезонскиот предзнак на пиротехниката, за да се зголеми свесноста кај младите, но и кај нивните родители, укажуваме дека петардите не се играчка, туку опасни средства што можат да нанесат ненадоместливи и трајни последици по здравјето на младите“, наведува во видео изјава, портпаролот Гоце Андреевски.
Од МВР ги потсетува граѓаните за законските одредби каде е санкционирана употребата на пиротехнички средства, како и нивната нелегална продажба.
„Законот за прекршоци против јавниот ред и мир во член 31 предвидува глоба за оној кој неовластено употребува пиротехнички средства. Согласно Кривичниот законик, во член 396 е предвидено недозволеното изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, при што: тој кој неовластено изработува, држи, продава, набавува или врши размена со огнено оружје, муниција или експлозивни материи, ќе се казни со затвор од три до десет години. Ако предмет на делото од ставот 1 е поголемо количество на огнено оружје, муниција или експлозивни материи, или огнено оружје, муниција или експлозивни материи што на граѓаните им се забранети, сторителот ќе се казни со најмалку пет години затвор“, потенцираат од Министерството.
МВР во соработка со партнерите од невладините организации и други институции продолжува со активностите во оваа насока.
„Апелираме до граѓаните да ги почитуваат законските прописи и да соработуваат со полицијата. Сите нарушувања на јавниот ред и мир да ги пријават во полициска станица или преку телефонските броеви 192 или 112“, истакнуваат од Министерството.