×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Не постојат мали и големи дела туку добри и лоши идеи, кажа академик Ташковски на отворањето на изложбата на минијатури и слики со мал формат во Куманово

    16.03.2023 12:14 | Оливера Пешевска

    Во фоајето на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово синоќа беше отворена изложбата на минијатури и слики со мал формат „Јас и пријателите“, која организирaше ликовниот уметник Мики Трендафиловски.

    Не постојат мали и големи дела туку добри и лоши идеи, кажа академик Ташковски на отворањето на изложбата на минијатури и слики со мал формат во Куманово

    На изложбата се поставени околу 50 дела од 29 автори од пет држави: Македонија, Хрватска, Србија, Бугарија и Турција.

    „Беа потребни околу четири месеци за да се организира изложбата, да се исконтактираат сите колеги, а некои од нив и пријатели. Мислам дека успеавме да направиме една добра изложба. Сликите се мали по формат, но големи по квалитет и вредност“, изјави на отворањето Трендафиловски.

    Сликарот и академик Васко Ташковски, вели дека секој автор во својот работен век има потреба да наслика мало, интимно доживување, па според него не постојат мали и големи дела туку добри и лоши идеи. 

    „Во почетокот изгледаше дека малите формати служат само како некоја монета за поткосурување. Во малите слики се гледа со симпатии и со повеќе интимност, а малите недостатоци и недоречености им се простуваат - слично како што ги простуваме палавштините на малите деца. Големината на малите слики и малите деца е во тоа што тие никогаш не признаваат дека се мали“, истакна Ташковски.

    Отворањето на изложбата беше збогатено со настап на оркестарот „Симфониум“ на Гимназијата „Гоце Делчев“ од Куманово, кој изведе неколку музички нумери.

    Кумановската публика може да види слики, цртежи, графики, работени во разни сликарски и графички техники почнувајки од молив, туш, акварел, темпера, масло, акрил, акватинта.

    Пред кумановската публика се изложени дела на:  Васко Ташковски, Ацо Филиповски, Данчо Ордев, Драги Хаџи Николов, Стојче Гоцков,Бранко Кончалиев, Зоран Јакимовски, Рајко Каришиќ, Драган Ѓорѓевиќ, Мирјана Шимуновачки Шуњевариќ, Мајпејкер Јонсул, Катарина Ѓорѓевиќ, Ѓуро Дрљача,Пламен В’лчев, Јасмина Пајовиќ, Марија Ефтимова, Зоран Арсовски - Бабата,Трајан Трајковски, Гроздан Крстевски, Цветанка Грнчарова, Никола Стојановиќ,Зорана Јовановиќ, Весна Маринковиќ Станковиќ, Анкица Верхас, Емилија и Стојче Тоциновски, Александар Стефановски и  Мики Трендафиловски.

    Изложбата ќе биде отворена до 27 март.