Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Почнувајќи од утре ќе има низа активности по повод одбележувањето на Недела на Европа.
Во техничкото училиште “Наце Буѓони“, утре од 11 до 13 часот ќе се одржи квиз на кој средношколците ќе го покажат знаењето за Европа. Подвижна изложба со уметнички творби ќе биде презентирана во повеќе училишта.
Во среда на Градскиот плоштад ќе се организира хепенинг на кој ќе бидат презентирани повеќе држави, меѓу кои Грција, Бугарија, Романија и Германија.
Во среда ќе присуствуваат и претставници на дипломатскиот кор. Ќе се презентира работата на граѓанскиот сектор, а ќе има и ликовна колонија со учество на над 40 ученици, настапи со различно точки од групи од основни и средни училишта. Би ги повикала граѓаните да дојдат и да се почувствуваат за миг како граѓани на Европа - вели Бисера Благојевиќ, портпарол на Општина Куманово.
Во четвртокот младите ќе можат да се информираат за тоа како да ги искористат европските политики за развој на млади. Ќе се дискутира за младинската работа, за личниот и професионален развој и за доживотното учење.
Таргет ни се младите. Се надевам дека ќе има голема посетеност. Ќе слушнат младите како можат да се вклучат во проектите кои Европа ги спроведува. Се подготуваат нашите волонтери веќе еден месец за презентација на повеќе европски држави. Во петок “Мулти Култи“во своите простории на улица Тоде Мендол ќе подготви дегустација на различни кујни, ќе се слуша музика, ќе се танцува - рече Линдита Реџепи, проектен координатор во “Мулти Култи“.
Богата програма традиционално општината и невладиниот сектор подготвуваат скоро секоја година за достојно одбележување на Неделата на Европа.