Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
ЈП „Чистота и зеленило“ и фирмата „КООП инженеринг“ кои се должени за зимско одржување на улиците во Куманово, велат дека се целосно подготвени за првиот снег.
Тие имаа обврска снегот од улиците да го чистат од 15 ноември годинава до 15 март следната година.
За таа намена Општина Куманово предвидува 14 милиони денари или 227.000 евра, од кои за јавното претпријатие 9 милиони денари и 5 милиони за приватната фирма. Плаќањето е по извршената услуга.
Од фирмите тврдат дека механизацијата е исправна и подготврена, набавени се доволни количини на сол и ајсмелт за нанесување на булеварите, улиците, тротоарите и другите прометни површини.
„Пред некој ден одржавме состанок, не уверија дека се целосно спремни и со механизација, и со набавени потребни материјали, како и со човечки капацитети. Јавното претпријатие е задолжено за чистење на булеварите и најголемите и најпрометни улици во градот, како и на пешачката зона, плоштадите и тротоарите, а сите помали улици каде соларките на „Чистота“ не би можеле да влезат ќе ги чисти „КООП инженеринг“, вели Момчило Јовановски, заменик раководител на Сектор на комунални работи.
Од ЈП „Чистота и зеленило“ кажуваат дека на располагање има 3 соларки и 3 махиндри за расчистување на снегот, а дополнително на метларките постои можност за монтирање на т.н. нож, кој многу помага во расчистување на подмрзнатите површини. И солта, а особено средството против подмрзнување може да се користат и на минусни температури.
„Подготвени очекуваме врнежи од снег, иако во последните години и немаше позначајни врнежи. Крајно време е да видиме малку снег, и децата ќе се израдуваат, воздухот ќе се расчисти, ќе се обезбеди вода, а ние ќе дадеме се што можеме да не се почувствува во нормалното секојдневно функционирање на граѓаните“, изјави Ненад Стојановски, директор на „Чистота и зеленило“.
Секоја година надлежните тврдат дека се подготвени за првиот снег, но поради конфигурација на градот и селата, речиси не поминува без проблеми.