Нема да се одложат парламентарните избори
Нема да се одложат парламентарните избори на 12 април, само до 24 март нема да се спроведуваат големи митинзи, едногласно одлучиле политичките партии на лидерската средба во Владата.
Тие велат дека доколку се јави потреба повторно ќе се состанат за да ги споделат ставовите за состојбата со кронавирусот, но дека на оваа средба не станувало збор за одложување на парламентарните избори.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски рече дека средбата била од информативен карактер за состојбата со вирусот КОВИД-19 и дека на средбата не се дискутирало за политички прашања.
- Сè додека има забрана ќе нема митинзи. Големи митинзи не ни може да има по денешната мерка на Владата. Ќе ја прилагодиме кампањата на социјалните мрежи и во средби од врата до врата,-додаде Христијан Мицкоски.
Со ист став беше и лидерот на партијата на СДСМ, дека ќе се придржуваат до мерките и дека нема да се организираат големи собири, согласно донесените одуки за превенција од вирусот.
- Несериозно и неодговорно би било кога ги немаме сите влезни информации да разговараме дали после 30 дена треба да се одложат изборите. Тука сме сите, во своите партиски седишта така што ќе најдеме одговори за сите прашања,- рече Зоран Заев.