Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Офицерите на АРМ од Куманово и од останатите градови во внатрешноста не се заинтересирани за купување станови од проектот „АРМ мој вистински дом„.
На огласот на Министерството за одбрана што завршил пред два дена, најголемиот дел од апликациите за станови се во Скопје во касарната Илинден, а за останатите градови речиси и да нема.
Можам да кажам дека најголем дел од заинтересираните се однесува за Скопје, додека за останатите градови е маргинален интересот. Што значи дека во останатите градови ние повторно ќе објавиме оглас, а во меѓувреме ќе оствариме непосредни контакти за да се испитаат други модалитети и решенија, зависно од тоа што се потребите и интересите за останатите градови во Македовија каде што армијата има свои структури, војници и старешини кои се заинтересирани за овој проект- рече министерот Фатмир Бесини, при денешната посета на касарната „Боро Менков„ во Куманово.
Според министерот, причината за слабиот интерес е од економски аспект, бидејќи цената на становите во проектот е иста на територијата на целата држава. На офицерите во внатрешноста не им се исплаќа да купуваат станови кои се поскапи, ако пазарната вредност во нивниот град е значително пониска.
Во Скопје цените на становите се прилично високи, и разликата во цената што се нуди со овој проект, наспроти пазарната цена во Скопје е најголема. Тоа е вистината, ако гледаме од аспект на стандардот, иста плата земаат војниците и во Скопје и во останатите градови, така да на пазарот тие можат приватно, надвор од проектот, да најдат по поволни цени за решавање на станбеното прашање- вели министерот.