×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Патокази и сообраќајни знаци скриени во гранки, опасност за возачите

    15.09.2023 11:28 | Оливера Пешевска

    Грмушки и гранки ги покриваат патоказите и сообраќајните знаци во Куманово. Патниците кои имаат потреба да ги користата патоказите за да стигнат до саканото место се соочуваат со сериoзни проблеми. 

    Патокази и сообраќајни знаци скриени во гранки, опасност за возачите

    На една таква ситуација неодамна присуствувала наша сограѓанка на улицата 11 Октомври, на излезот на градот,  кон Скопје и Белград.

    „Пред некој ден патнички автобус, со српска регистрација застана на угорницата по кружниот тек, претпоставувам дека не знаеше каде да се вклучи на автопатот кон Белград. Го блокираше сообраќајот, не знаеше каде да оди. Дури ќе продолжеше кон излезот за Скопје, но дали некој од патниците му укажа или самиот се снајде успеа да тргне по правиот пат. Симптоматично е што дури и за професинонални возачи е збунувачки кога нема табла која посочува правец на движење. Патоказите се целосно покриени од околните дрвја и треба под итно да се интервенира“, изјави Анета П., која живее во близина.

    Втората критична точка за која регираат граѓаните е за излезот кон Свети Николе пред надвозникот во населбата Карпош. 

    За одржување на сообраќајната сигнализација во градот се одговорни локалните власти, а за поткастрување на зашумените делови интервенира „Македонија пат“ и  ЈП „Чистота и зеленило“.

     „За знаците кои се наоѓаат до 15 метри одалечини од автопат е одговорна „Македонија пат“. За улиците и регионалните патишта на територијата на Општина Куманово, ние како јавно претпријатие преземаме активности но мора да добиеме насоки и барање од СВР Куманово, за да знаеме каде и со што треба да се интервенира“, изјави Даниел Стојчевски, директор на претпријатието.

    За локалните жители и честите гости тоа и не е голем проблем, затоа што веќе добро се снаоѓаат. Но, туристите, патниците намерниците или оние кои само поминуваат низ градот, многу тешко ќе го најдат вистинскиот излез. И покрај ГПС алатките и интернет мапите сепак возачите најчесто се потпираат на патната сигнализација.

    Дополнително и хоризонталната сигнализација на тој дел од градот е речиси невидлива, нема исцртани стрелки кои укажуваат на дозволен правец на движење.

     „Само канта боја и четка им треба, ама и тоа не можат“, коментира пензионер, случаен минувач.

    За надзор, одржување и замена на оштетени и дотраени сообраќајни знаци се надлежни локалните власти, кои делегираат дел од обврските до јавните претпријатија. Дел од нив ги одржуваат зелените површини, а дел се надлежни за исцртување на хоризонталната сигнализација, зебрите и пешачките зони. Подетални информации за начинот за сервисирање на дотраената или оштетена сообраќајна опрема на улиците не успеавме да добиеме од Општина Куманово.