Нов дрворед на „Октомвриска револуција“ - засадени 220 украсни садници
Дрворед од 220 украсни садници е засаден по целата должина на булеварот „Октомвриска револуција“ во Куманово.
Активноста е дел од проектот „Урбано раззеленување за поздраво дишење“, кој се реализира преку прекугранична соработка меѓу општините Куманово и Ќустендил и Центарот за развој на Североисточниот плански регион.
Засадени се шест видови висококвалитетни украсни садници, меѓу кои јапонска цреша, индиски јоргован и див костен. Станува збор за крупни дрвја, повисоки од два метра, кои на пролет ќе цветаат и ќе го разубават просторот, а воедно ќе создаваат сенка, бидејќи долж булеварот се поставени и клупи и канти за отпад.
„Овие садници ќе придонесат за подобар квалитет на воздухот и поубава урбана средина. Се работи за дрвја кои имаат и естетска и еколошка функција“, изјави директорот на Центарот за развој на Североисточниот плански регион, Младен Протиќ.
Вкупната вредност на проектот изнесува 541.709,45 евра, од кои Општина Куманово ќе добие 298.529,91 евра, Општина Ќустендил 199.066,94 евра, а Центарот за развој на Североисточниот плански регион 44.112,60 евра.
Во Куманово средствата ќе бидат наменети за изградба на зелена површина за управување со дождовница (зелени улици и дождовни градини) кај спортската сала, уредување на два алпиниума и поставување урбана опрема во СОУ „Перо Наков“.
Дополнително, предвидено е садење на 137 дрвја на булеварот „Трета Македонска ударна бригада“, поставување зелен ѕид со систем „капка по капка“ на паркингот кај плоштадот „Маршал Тито“, како и хортикултурно уредување со садење 16 дрвја во дворот на Техничкото училиште и ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“.
Проектот треба целосно да биде реализиран до крајот на 2026 година.