Мени

Нова фасада за училиштата „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“, со поддршка од Шведска и УНДП

05.03.2026 08:16 | Сузана Николиќ

Училишната зграда во која се сместени основните училишта „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“ доби нова енергетски ефикасна фасада преку проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ на УНДП, финансиран од Кралството Шведска и Општина Куманово.

Нова фасада за училиштата „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“, со поддршка од Шведска и УНДП

Проектот предвидува и реконструкција на фасадата на Основното музичко училиште „Панче Пешев“.

Вкупната вредност на проектот изнесува околу 340.000 долари, додека Општина Куманово учествува со сопствени средства во износ од 10 милиони денари.

„Првиот проект се однесува на комплетна реконструкција на фасадата на основните училишта „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“, а вториот опфаќа промена на фасадата и прозорците на Основното музичко училиште „Панче Пешев“ во Куманово. Вкупната вредност на проектот е околу 340.000 долари, а Општина Куманово учествува со сопствени средства од околу 10 милиони денари“, изјави градоначалникот Максим Димитриевски.

Тој додаде дека Општината ќе издвои дополнителни три милиони денари за заштита од пожари и за изградба на систем за противпожарна заштита во музичкото училиште.

Шведскиот амбасадор во Македонија, Ола Сулстром, истакна дека заштитата на животната средина е приоритет не само во Куманово, туку и на глобално ниво.

„Потребно е стратешко политичко водство и конкретни ресурси за да се намали загадувањето и да се зголеми енергетската ефикасност. Со тоа ќе се намали и здравствениот ризик предизвикан од загадениот воздух, што е особено важно за да обезбедиме почист воздух за идните генерации“, изјави амбасадорот Сулстром.

Претставникот на УНДП во Македонија, Армен Григоријан, посочи дека најважната задача е да се намали загадувањето на воздухот, не само надвор, туку и во училиштата, каде што децата поминуваат голем дел од времето.

Градоначалникот Димитриевски им се заблагодари на донаторите и најави дека веќе се разговара за нови проекти за заштита на животната средина.