Мени

Нови 6,5 километри гасоводна мрежа ќе се градат во Куманово

20.02.2026 08:14 | Сузана Николиќ

Куманово ќе добие дополнителни 6,5 километри секундарна гасификациона мрежа на повеќе локации во градот.

Нови 6,5 километри гасоводна мрежа ќе се градат во Куманово

Средствата се обезбедени од вториот повик од унгарскиот кредит, а во тек е постапка за избор на изведувач. Градежните работи се очекува да започнат напролет.

Со проектот е предвидена гасификација на улиците „Драган Стопаревиќ“, „АВНОЈ“, „Народна револуција“, „Никола Тесла“, „Доне Божинов“ до влезот на населбата „Карпош“, дел од „Тоде Думба“, „11 Ноември“, кај училиштето „Толи Зордумис“, како и на улиците „Вараждинска“ и „Горњомилановачка“.

„Тоа за нас ќе значи нови приклучоци и стабилизирање на финансиската состојба на претпријатието, но истовремено и почиста животна средина и намалување на загадувањето на воздухот во Куманово“, изјави Марко Митровски, директор на ЈП „Куманово-гас“.

Минатото лето заврши изградбата на дистрибутивна гасоводна мрежа во должина од 2,5 километри, на потегот од дел од улицата „Видео Смилевски Бато“ до селото Доброшане, како и во Индустриската зона Доброшане.

„Проектот имаше за цел проширување на гасоводната инфраструктура и овозможување пристап до природен гас за деловните субјекти и потенцијалните инвеститори во индустриската зона. Со изградбата на секундарната мрежа се создадоа услови за поекономично, енергетски поефикасно и еколошки одржливо снабдување со енергија“, информираат од Владата.

Инвестицијата за овој проект изнесуваше 10.893.656 денари.