Нови проекти за развој на спортот најави Бошко Тасиќ, кандидат за советник од ДПСМ
Нови проекти кои ќе придонесат за развој на спортот во Куманово најави кандидатот за советник од „Братска листа“ на ДПСМ, Бошко Тасиќ.

Како долгогодишен спортски новинар, тој вели дека добро ги познава состојбите во спортот во општината и затоа, доколку биде дел од Советот, ќе работи на реализација на проекти кои ќе го вратат Куманово на врвот на спортските достигнувања.
„Спортот не е само дисциплина, ниту статистика, туку заедно со културата се најголемите амбасадори на секоја земја. Куманово со години наназад се наоѓа на маргините кога станува збор за клубските и индивидуалните спортови, но со добра стратегија и нови проекти ќе го вратиме на местото кое го заслужува, како што беше во поранешна Југославија. Нашиот град памети многу големи спортски легенди и колективи. Имаме прекрасно здание, како што е спортската сала, и верувам дека во годините пред нас ќе се организираат големи спортски настани на кои ќе гостуваат светски спортски имиња.
Ние како партија ќе се залагаме, пред сè, да го развиваме младинскиот спорт, бидејќи сметаме дека тоа е основата – од квантитетот ќе произлезе квалитет. Исто така, ќе се залагаме за реконструкција на сите спортски објекти кои се запуштени, ќе изградиме нови спортски игралишта и фитнес-зони што ќе можат да ги користат сите граѓани,“ изјави Тасиќ.
Тој додаде дека ќе се направи категоризација на клубовите и сите ќе добијат поддршка од Општината врз основа на резултатите што ги постигнуваат, а средствата ќе ги искористат за сопствен развој и надградување.
Тасиќ ги повика граѓаните да гласаат за „Братска листа“ на советници на ДПСМ, која на гласачкото ливче е под реден број 3, и вети дека нема да ги изневери нивните очекувања. Носител на „Братска листа“ на ДПСМ е Иван Стоилковиќ.